1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предложени 13 членови за работната група за уставни измени

ДТЗ
11 април 2023

Нано Ружин, Темелко Ристески, Драган Тилев се најдоа на листата на предлози коишто партиите и институциите ги испратија до Министерството за правда

https://p.dw.com/p/4Pu9G
Министерство за правда
Предложени 13 членови за работната група за уставни измени, се чекаат експертитеФотографија: DW/P. Stojanovski

Партиите номинираа 13 претставници за работната група која што ќе работи на амандманите за уставни измени, со кои Бугарите треба да бидат внесени во Преамбулата на македонскиот Устав. Деновиве се очекува да бидат соопштени иимињата на експертите кои ќе бидат дел од експертската група којашто ќе ја формира Министерството за правда.

До министерот за правда Кренар Лога до истекот на рокот (10.04.) се пристигнати предлози од повеќето парламентарни партии и од институциите, додека опозициските партии најавија дека нема да делегираат свои членови во работната група. СДСМ ја кандидираше Цветанка Иванова, предлог на ДУИ е Арбр Адеми, Алијанса на Албанците се одлучи за Ремзи Мехмеди, НСДП ќе биде застапена во работната група преку Соња Мираковска, а Нано Ружин е номиниран од страна на ЛДП.

ДОМ за свој член во комисијата ја предлага Христа Најданов, а Темелко Ристески ќе учествува како претставник на Партијата на пензионери. Раметула Куќи е адутот на ДПА, Еран Куртиш на Партијата за движење на Турците, а Бејџан Илјас- на Демократска партија на Турците.

Како што информираше Министерството за правда, до нив се пристигнати и неколку предлози од институции и тоа Александар Спасов, од Кабинет на претседателот Стево Пендаровски, Драган Тилев од Секретаријат за европски прашања и Шпенд Садики од Министерство за надворешни работи. 

Експертите кои ќе бидат дел од работната група за подготовка на уставните измени ќе бидат соопштени до крајот на неделата.

Ова работно тело е формирано од Министерството за правда кое е задолжено од Владата да ја подготви предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови.

Собрание
Опозицискиот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ одлучи да остане надвор од процесите коишто ќе се одвиваат во работната група за уставните измени.Фотографија: Reuters/T. Georgiev

Партиски условувања

Опозицискиот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ одлучи да остане надвор од процесите коишто ќе се одвиваат во работната група за уставните измени. За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во оваа фаза тоа е беспредметно, а потпретседателот на партијата, Александар Николоски во гостување на ТВ Сител рече дека Македонија може да почне преговори со ЕУ без уставни измени. „Средена Македонија одвнатре ќе значи сериозен притисок врз Бугарија за таа да се откаже од оние барања што ги има. Несредена Македонија ќе значи прифаќање на бугарските барања“, рече Николоски. 

Поканата за учество во работната група ја отфли и Левица, а свои кандидати не предложија ниту Беса и Алтернатива од албанскиот блок.

Лидерот на Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, вели дека нема проблем со внесувањето на Бугарите и другите народи во преамбулата на Уставот, но дека партијата би го поддржала тоа доколку во Уставот формулацијата „јазик кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ се замени со „албански јазик“.

Според него, уставните измени може да се направат уште оваа година, но дека Владата треба да прифати оти со ваквата политика не може да се постигне мнозинството кое е потребно за усвојување на измените.

„Верувам дека уставните измени ќе се направат годинава. Која влада ќе ги направи овие измени, тоа е друга тема. Можни се предвремени избори. Владата треба да прифати дека со оваа политика не може да се постигне мнозинство. Ако оваа влада е заинтересирана да ги направи уставните измени и да го продолжи патот кон ЕУ, мислам дека со договор на лидерите може да се обезбеди мнозинство за уставните измени“, рече Касами во гостување на „Клик плус“ на ТВ 21.

фракција ДУИ
„Огнената група“ побара да биде дел од работната група, порачувајќи дека целосно ги поддржуваат измените, но покрај за Бугарите, бараат и замена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“.Фотографија: Petr Stojanovski

И „Огнените“ бараат столче на масата

Во меѓувреме со свои барања излезе и фракцијата на ДУИ. „Огнената група“ побара да биде дел од работната група, порачувајќи дека целосно ги поддржуваат измените, но покрај за Бугарите, бараат и замена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“.

„Имајќи предвид дека евроатлантските интеграции за нас претставуваат приоритет над приоритетите, сакаме да истакнеме дека цврсто ги поддржуваме уставните измени. Следствено, сакајќи во овој процес да имаме активна, а не само набљудувачка улога, иако официјално не сме поканети, ја изразуваме нашата целосна подготвеност како фракција во рамките на ДУИ да учествуваме во работната група за уставни измени и да ги ставиме на располагање на државата сите наши професионални капацитети“, порачаа од фракцијата.