1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секоја партија со свој модел за уставни измени

ДТЗ
3 април 2023

Опозицијата им фрли ракавица на СДСМ и ДУИ за уставни измени по хрватски терк, што предизвика најголемо бранување во албанскиот блок. Власта бара расправата да се одвива во работните групи

https://p.dw.com/p/4PdZE
парламент
Секоја партија со свој модел за уставни измениФотографија: Reuters/T. Georgiev

Експерти и професори по уставно право наредниве денови се очекува да седнат на заедничка маса каде ќе ги изнесат своите ставови и предлози околу уставните измени, кои што наредниве месеци треба да влезат во собраниска процедура. Опозицијата, која што не прифати, иако повеќепати беше повикана да даде свој придонес во работата на работните групи и да предложи свои експерти, викендов преку партискиот лидер Христијан Мицкоски порача дека уставните измени би можело да се направат, но по примерот во Хрватска. ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа би било добро решение, а со овој модел, Македонија ќе го промени мултиетничкиот карактер во унитарен и аналогно на тоа ќе биде држава на македонскиот народ и држава во која припаѓаат националните малцинства кои живеат во неа.

Предлогот на Мицкоски за некого е прифатлив, за други е спорен, но највеќе ги разбранува партиите од албанскиот блок, кои порачаа дека „времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија е завршено“. 

Што предлага опозицијата? 

Како би гласела Преамбулата на  македонскиот Устав ако би се зела предвид хрватската преамбула? Од ВМРО-ДПМНЕ имаат свој предлог кој гласи:  „Република Македонија се воспоставува како национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинствата: Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и др., кои се нејзини државјани, на кои им се гарантираат исти права со тие на македонскиот народ и остварување на националните права, во согласност со демократските норми на Организацијата на Обединети нации“. Со тоа, според нив, сегашната Преамбула, која гласи „Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите’“, ќе претрпи значителна промена.

Партијата и денеска повтори дека е подготвена да разговара сите националности кои се забележани во последниот попис да бидат дел од националните малцинства, но Македонија да биде унитарна држава .Ваков модел ВМРО-ДПМНЕ тврди дека се е подготвена веднаш да поддржи, без никакви условувања.

„Очекуваме СДСМ и ДУИ да го прифатат овој предлог од причина што самите постојано се прокламираат за европски политичари, па оттука после нивните изјави со кои хрватскиот модел го предлагаат како најсоодветен пример за промена и примена во Македонија не веруваме дека сега би биле против овој модел и би одбиле Македонија да биде унитарна држава“, повтори денеска Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, фрлајќи им ракавица на партите од владејачкото мнозинство.  

Христијан Мицкоски
Опозицијата им фрли ракавица на СДСМ и ДУИ за уставни измени по хрватски терк Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Расправа - но во работните групи 

Од владејачката СДСМ се децидни дека процесот на уставните измени треба да биде инклузивен и транспарентен, а опозицијата преку учеството во работните групи може да даде свои предлози и решенија коишто ќе се разгледуваат. „Со започнување на процесот во Собранието ќе се отвори јавна расправа, преку работни групи каде може и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат свои предлози, овој процес мора да биде инклузивен, транспарентен за да дојдеме до најдобрите предлози и решенија за промените во Уставот, со цел да го продолжиме европскиот пат на нашата држава“, порачаа од партијата деновиве.

Премиерот Димитар Ковачевски е оптимист дека од целиот процес државата ќе излезе посилна. Тој од Словенија порача дека кога ќе бидат донесени и уставните измени, кои се дел од обврските во преговарачката рамка, државата пак ќе излезе и посилна и како победник. „Потоа автоматски продолжува Втората меѓувлаидна конференција, отворање на кластерите, реформите во општеството и полноправно зачленување во ЕУ за што поддршка имаме од сите земји членки на ЕУ“, вели Ковачевски. 

Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски е оптимист дека од целиот процес државата ќе излезе посилнаФотографија: Government of North Macedonia

Бранување во албанскиот блок

Предлогот на опозицијата предизвика лавина реакции во албанскиот политички блок. Tоа што ВМРО размислува и зборува за уставни измени е добра работа за нив како политички субјект, но и за државата, сметаат од Алијанса за Албанците.

„Од друга страна, решението што го нуди овој политички субјект во однос на Преамбулата е апсолутно непознавање на реалноста или намерно отстапување за изборни ефекти. Времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија заврши еднаш засекогаш и нема враќање во такво време. Македонците се 54%, а Албанците 30% и заедно не го сочинуваат процентот на Хрвати во Хрватска кои се над 90%. Поставувањето на Албанците во нивниот предлог како национално малцинство уште еднаш покажува дека нивниот менталитет е вратен со децении наназад и тоа е за жалење“, велат во партијата. 

Понудата од ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени по хрватскиот модел, според кој државата ќе го промени мултиетничкиот карактер во унитарен, е неприфатлив за Алтернатива. Партијата изнесе свои предлози како да се дефинира државата во Преамбулата.

„Гледајќи дека Северна Македонија има едно поголемо мнозинство – етнички Македонци 54 отсто, второ мнозинство – Албанци 30 отсто и група на малцинства 6-7 отсто, нашиот предлог бил Северна Македонија да се дефинира како ’држава на македонската нација, албанската нација и другите етнички заедници‘. За да биде креативна на оваа тема, Алтернатива има и друг предлог – тоа е Северна Македонија да се дефинира во својата Преамбула како ’држава на нејзините граѓани‘, отстранувајќи ги сите етнички атрибути од градењето на државата. Кој модел треба да го прифатиме како држава, тоа треба да биде дел од дебатата и политичкиот консензус“, велат од Алтернатива.

Од Движењето Беса, пак, врз основа на одредбите од член 130 од Уставот на Македонија, неодамна побара од Владата во текот на составувањето на нацрт-верзијата на уставните измени, која ќе биде испратена за расправа до Собранието, да направи измени и на петтиот амандман. Беса бара со отворањето на највисокиот правен акт освен вметнувањето на Бугарите во Преамбулата да се вметне и употреба на албанскиот јазик како службен јазик на територијата на целата држава. Од Министерството за правда им порачаа дека сите барања ќе бидат разгледани, но од владејачката СДСМ беа децидни дека не е момент да се оптоварува процесот со барања за бришење на 20% за албанскиот јазик, во момент кога приоритет треба да биде членството во ЕУ. 

Што велат помалите партии? 

ВМРО-Народна партија вклучувајќи се во дискусијата за уставните промени  порача дека за нив е прифатлива промена на преамбулата по моделот на Уставот на историското ВМРО. Партијата смета дека ако на историското ВМРО не му пречеле Бугарите тогаш нема потреба денеска да се плашиме од нив. „ВМРО-Народна партија смета дека посебна одговорност за позитивен однос кон овие уставни промени имаат токму партиите кои го носат предзнакот или името „ВМРО“, соопшти партијата.

За Социјалистичката партија на Македонија начелно е прифатлива преамбулата од хрватскиот Устав да се примени и во измените во Уставот. Партијата го задржува принципиелниот став и инсистира на условување на уставните измени со реципроцитет во бугарскиот Устав и наведување на македонското малцинство во него.

Постапката за промена на Уставот треба да почне овој или најдоцна следниот месец. Претседателот Стево Пендаровски деновиве порача дека единствен начин да се дојде до двотретинско мнозинство е дебата со опозицијата. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи