1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Владеење на правото, па потоа европски пари

СН/агенции
6 ноември 2020

На членките на ЕУ кои не го почитуваат владеењето на правото во иднина им се заканува опасност да останат без фондовите од Унијата. Ваквиот договор меѓу Европарламентот и Советот на ЕУ ги разлути Унгарија и Полска.

https://p.dw.com/p/3kwef
Belgien Brüssel Statue "Europa" vor Europaparlament
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Kalker

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го критикуваше вчера постигнатиот договор во ЕУ кој доделувањето на средствата на Унијата го поврзува со почитувањето на владеењето на правото во земјите членки. 
„Нема време за дискусија за владеењето на правото во моментов“, изјави денеска Орбан за унгарските медиуми. 
„Поважно е земјите сериозно погодени од кризата на коронавирусот брзо да добиваат средства од буџетот и пакетот за помош на Европската унија,“ рече тој.

За првпат во историјата на ЕУ, вчера преговарачите од Европскиот парламент и од владите на ЕУ се согласија околу „општ режим на условеност“, што може да значи дека земјите-членки обвинети за кршење на основите на владеењето на правото - како што е судската независност - може наскоро да изгубат средства од заедничкиот долгорочен буџет на Унијата.

Со критики реагираа и властите во Варшава.  Полскиот заменик министер за правда Себастијан Калета на Твитер истакна дека воведувањето на ваквиот механизам  значи ново пишување на договорите на ЕУ низ задна врата.

И Будимпешта и Варшава се обвинети за кршење на владеењето на правото, вклучително и во областите на независност на судството, слобода на печатот и борба против корупцијата.

EU-Sondergipfel in Brüssel
Виктор ОрбанФотографија: picture-alliance/dpa/G. von der Hasselt

Двете земји жестоко се спротивставуваат на ваквиот механизам и се заканија дека ќе го блокираат буџетот на ЕУ и пакетот за помош во корона-кризата вредни 1,8 трилиони евра , со што ќе се одложи пристапот до итно неопходните средства по предвидениот датум за почеток на исплатите во јануари наредната година. 

Иако Орбан во петокот не рече експлицитно дека ќе го искористи своето вето, тој имплицираше дека можеби ќе го стори тоа, со оглед на тоа што Унгарија очигледно не е зависна од фондовите на ЕУ во следните две години, се вели во анализата на порталот portfolio.hu.

Заштита на вредностите на ЕУ

Коизвестувачот на Европскиот парламент (ЕП), Петри Сарвама, по завршувањето на вчерашните преговори изјави дека постигнатиот договор претставува пресврт во заштитата на вредностите на ЕУ.

„Првпат воспоставивме механизам кој ќе и' овозможи на ЕУ да престане да ги финансира владите кои не ги почитуваат нашите вредности, како што е владеење на правото“, изјави финскиот европратеник од групата Европска народна партија. 

Повеќе:

-ЕП сака да ги врати Унгарија и Полска на патот на правна држава

-ЕУ и владеење на правото - доцно будење

-Милијарди од ЕУ само ако се почитува правната држава?

Како што пренесува ЕП, европратениците успеаја да обезбедат новото правило да не се применува само кога директно се злоупотребуваат парите од ЕУ, како на пример кај корупција и измами, туку и кога станува збор за „ситематските аспекти поврзани со основните вредности на ЕУ“.

Се нагласува дека сите членки мораат да ги почитуваат основните вредности на ЕУ, како што се слободата, демократијата, еднаквоста, човековите права вклучувајќи ги правата на малцинствата. Претставниците на ЕП успеале во преговорите со Советот да обезбедат и посебен член со кој се разјаснува можниот обем на кршење наведувајќи примери како закана за независноста на правосудството или ограничување на правниот лек.

Belgien Statue Europa vor EU-Parlament in Brüssel
Фотографија: picture-alliance/D. Kalker

Превентивна функција на механизмот

Од клучно значење, како што наведе ЕП, е и силниот превентивен аспект на механизам кој може да биде употребен не само кај кршење на владеење на правото кое директно го погодува буџетот, туку и кога постои сериозна опасност тоа да се случи. Цел е да се обезбеди механизам кој ќе спречи ситуации во кои фондовите на ЕУ се користат за финансирање на делувања кои се спротивни на вредностите на ЕУ. За да се обезбеди крајните корисници кои зависат од поддршка од ЕУ, како студентите, земјоделците или невладините организации, да не бидат казнети поради тоа што го прават нивните влади, европратениците инсистираа тие да можат да се жалат пред Европската комисија.

Еврокомисијата, исто така, ќе има можност да ја намали наредната исплата на  поддршката од ЕУ на земјата која не ги почитува основните вредности. Европратениците се изборија и за скратување на времето кое ќе го имаат институциите на ЕУ да ги усвојат мерките против некоја членка на ЕУ доколку се утврди ризик за кршење на владеење на правото, најмногу 7 до 9 месеци.

Советот бараше овој рок да биде 12 до 13 месеци. Предвидено е Европската комисија, откако ќе се утврди постоење на кршење на владеењето на правото, да предложи покренување на механизмот за условување против одредена влада во ЕУ. Советот потоа ќе има еден месец да ги усвои предложените мерки или 3 месеци во посебни случаи, и тоа со квалификувано мнозинство. 
Договорениот компромис сега треба официјално да го усвојат Европскиот парламент и министрите на ЕУ.