1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арјанит Хоџа - министерот повикува на „уривање на режимот“

ДТЗ
11 ноември 2021

Тој преку социјалните мрежи упати порака за „уривање на режимот“ и „борба против злото“, но не се повлече од министерската функција која што ја има во актуелната Влада.

https://p.dw.com/p/42tA4
Sitzung des Parlaments von Nordmazedonien zur Vertrauensabstimmung der Regierung.
Фотографија: Petr Stojanovski

Арјанит Хоџа, актуелен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство од редовите на Беса повика на уривање на Владата од која што и тој е дел. Хоџа денеска кога се одржува седница за иницијативата за гласање доверба на Владата, а кога стана извесно дека опозицијата нема кворум, преку социјалните мрежи порача дека соработката на опозицијата со Алијансата за Албанците и Алтернатива „ќе продолжи до последното уривање на овој режим“.

„Врвот на опасноста на демократијата се достигнува кога преку недемократски форми, дури и на пратениците им се оневозможува слободното изразување на волјата“, објави Арјанит Хоџа на Фејсбук, кој е секретар на Движењето Беса. 

Закани и уцени 

Тој вели дека заканата, уцената или другите форми на влијание се показател за инсталирање режим кој е ставен над волјата на народот. „И покрај сѐ, Движењето Беса ја продолжува војната. Одиме по нашиот свет пат за да го победиме злото!“, пишува Хоџа и додава дека секој поединечно ќе одговара за своите постапки, додека Движењето Беса „продолжува со политичкото патување“. 

Ваквиот статус беше објавен по информацијата дека неговиот сопартиец, Кастриот Реџепи, одлучи да не присуствува на денешната собраниска седница на која е поставено прашањето за доверба на Владата. Реџепи објави на Фејсбук дека, според него, државата во овој важен период нема потреба од политичка криза. Тој исто така вели дека големи се шансите во декември Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. 

Промена на ставот 

Но, пред да настанат искричењата околу Желино и обвинувањата дека ДУИ сакаат да им „забијат нож во грб“, еден ден по изборите и средбата на Заев со коалициските партнери, Хоџа имаше поинаква изјава

„Уште еднаш покажавме дека мнозинството е стабилно, дека владејачкото мнозинство треба да продолжи. Се согласивме дека какви било процеси кои би воделе кон предвремени парламентарни избори ќе бидат многу проблематични, тешки, и за економската ситуација, социјалната, безбедносната, и затоа сите едногласно бевме против организирање предвремени парламентари избори. Владата го доби мандатот во 2020 година и го има легитимитетот да продолжи со ова мнозинство, особено што сме преземале одговорност од почетокот на мандатот кон евроинтеграциските процеси, кои се многу важни. Се наоѓаме во  деликатен процес и треба да продолжи владејачкото мнозинство, бидејќи целта беше да се забрза процесот на евроинтеграции“, изјави тогаш Хоџа.  

Министерот Хоџа денеска не одговори на телефонските повици на Дојче веле, за да објасни дали ваквиот став значи негово повлекување од Владата и од министерската позиција, на која остана и покрај тоа што неговата партија пред неколку дена и сврте грб на владејачката коалиција и ја прифати подадената рака на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за потпишување на иницијативата за гласање (не)доверба на Владата.