1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Злосторството и браната

9 јуни 2023

Меѓусебните обвинувања нема да запрат. Па сепак, неколку логички, историски, технички и стратешки аспекти на ова злосторничко уништување може да ни дадат насоки во утврдување на одговорниот. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4SMRq
Уништувањето по уривањето на браната е огромно
Уништувањето по уривањето на браната е огромноФотографија: Matthew Hatcher/SOPA Images/ZUMA Press Wire/picture alliance

Ноќта помеѓу 5 и 6 јуни, во раните утрински часови, во Нова Каховка се случи голема експлозија. Украина ја обвинува Русија дека ги кренала во воздух браната и хидроцентралата со цел ја наруши планираната украинска контраофанзива. Москва негира и тврди дека украинската армија го гранатирала објектот со цел да го пресече снабдувањето со вода за Крим, илегално анектиран од Русија по првата инвазија врз Украина во 2014-та година.

Во своето грандиозно дело „За Војната“, големиот пруски стратег Карл фон Клаузевиц, намерното поплавување на голем дел од територијата го дефинира како еден од најефектните и највалидни тактички потфати што една армија може да ги реализира. Постојат и посвежи примери, како белгиското потопување на своите територии за време на Битката кај Изер во 1914-та, или за време на кинеско-јапонската војна, кога силите на Чанг Кај Шек ќе ги уништат насипите на Жолтата река во обид да го блокираат јапонското напредување, па сѐ до самиот конфликт помеѓу Иран и Ирак во 1980-та.

Дури постои и преседан од руска страна на истата брана, кога Сталин во 1941 година, за време на Втората Светска, војна ќе одлучи да потопи уште поголем дел од Украина, предизвикувајќи, според некои проценки, речиси 200 илјади мртви, во најголем дел украински цивили, тогаш граѓани на СССР.

Меѓусебните обвинувања и точното утврдување која страна е одговорна за ова криминално и варварско дело, каде уништен е цивилен објект кој ќе предизвика хуманитарна и еколошка криза од огромни пропорции, нема да запрат и тешко ќе биде да се открие виновникот. Па сепак, неколку логички, историски, технички и стратешки аспекти на ова злосторничко уништување може да ни дадат насоки во утврдување на одговорниот.

Хипотези и сомнежи

Украински напад е крајно неверојатен и треба да се исклучи. Отворот на експлозијата во широчина од 200 метри го исклучува наводното ракетно бомбардирање на браната или нејзино гранатирање, како што тврди официјална Москва. Евентуална украинска саботажа врз централниот дел од браната делува потполно неверојатно во услови кога била под целосна руска контрола, особено што хидроцентралата Каховка беше заземена на првиот ден од руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Многу поверојатно е дека браната се урнала како последица на минирање, што Русите најверојатно и го направиле како екстремна мерка во ситуација на украинска контраофанзива. Путин, кој станува сѐ посличен на Сталин, во минатото не се штедеше од загрозување на животите на своите сонародници, кога на пример дозволи стотици Руси да умрат од отровен гас, како заложници во чеченскиот напад врз театарот во Москва. Уште помалку би имал проблем да изврши масакр врз Украинците, кон кои во повеќе наврати се закани со употреба на нуклеарно оружје.

Втората хипотеза дека Украинците намерно ја уништиле браната со цел да го остават Крим без вода, буди повеќе сомнежи. Да се пуштат 18 кубни километри вода врз сопствениот народ само со цел да се изолира територија која сакаш да ја освоиш, навистина звучи како предрзок и авантуристички план од страна на Володимир Зеленски и армијата. Украинците дури и задоцнија со контраофанзивата само со цел да не предизвикаат преголем број на жртви кај сопствените борци и народ. Но, и за разлика од Сталин или Путин, Зеленски и украинското воено раководство покажаа дека повеќе се грижат за човечкиот фактор и жртви, меѓу другото затоа што и во фалшливата украинска демократија, лидерот стравува од тоа да изгуби консензус и гласачи, додека во совршената путиновска автократија, таквата опасност едноставно не постои.

Информациите на Американците

Потоа, тука е фактот дека Американците имаат информации, според кои Русите се одговорни. Се разбира, нема да ѝ веруваме слепо на Америка, но во повеќе наврати САД покажаа исклучителна разузнавачка прецизност кога станува збор за Украина. До ден го погодија моментот на руската инвазија, во која речиси никој, па ни Украинците, не веруваа. Па дури, и преку неколку претекувања на информации во медиумите, јавно го посочија виновникот за нападите во Москва врз Дугина и во Санкт Петербург врз прорускиот блогер. Ќе видиме дали декласификацијата на тајните информации ќе фрли светло врз одговорниот за ова злодело.

Потоа, тука се воено-тактичките и стратешките мотивации зад уништувањето на браната. Нејзиното уништување недвосмислено ја фаворизира страната која мора да брани огромен и генерално рамен терен. Украинската контраофанзива штотуку почна, таа нема да биде блицкриг, сигурно ќе тестира повеќе локации за да одреди каде Русите стојат послабо, но сепак, се работи за ситуација каде едната страна треба да се движи и да покрие огромен терен, додека другата е статична и треба да се брани. Поплавата веќе ги принуди Украинците да оперираат посеверно, во линија со Запорожје, со цел да го избегнат истечениот Дњепар и препреката од кал која насекаде се има создадено.

брана Каховка Украина
Уништувањето на браната отвора прашања до каде ќе оди злосторството во оваа војнаФотографија: Ukrainian Presidential Office via AP/picture alliance

Поплавата го создава идентичниот теренски ефект како во есенските и пролетните месеци, кога поради калта и растопениот снег, едноставно е невозможно да се користат големи и тешки оклопни возила. Од друга страна, уништувањето на браната физиолошки го намали водостојот на Дњепар, која на стотици километри претставува природна препрека помеѓу руските и украинските трупи. Потоа, тука е техничкиот аспект? Кога станува збор за сериозно воено преминување на река, секогаш е подобро високо ниво на вода, отколку ниско. Но, Дњепар нема да биде доволно висок во наредните неколку години, или барем додека не се поправи браната.

Конечно, постои и идеолошки фактор. Украинската војска генерално се труди да не ја упропастува украинската територија, затоа што за нив тоа е територија која треба да се ослободи. Тој фактор пречесто се заборава, како и фактот дека со поплавата Украина економски ќе претрпи огромни загуби поради уништените земјоделски полиња, а да не зборуваме за еколошката катастрофа, каде 450 тони моторни лубриканти ризикуваат да истечат заедно со водата. Од тие и многу други аспекти, теоријата дека Украинците сами предизвикале апокалиптична поплава, врз територии делумно ослободени кои водат кон други што допрва треба да се ослободат, делува мошне неплаузибилно.

Садистички лидер, „тап“ генерал и избезумени полуинтелектуалци

Но, ова е сигнал дека војната маршира кон загрижувачка ескалација. Од сега до август ќе бидеме сведоци и на други екстремни акти и злодела, затоа што војната би можела да биде одлучена, или барем јасно насочена, до крајот на летото, пред климатските услови повторно да го смират бојното поле.

Варварскиот чин како потопувањето на браната отвора прашања до каде ќе оди злосторството во оваа војна, но, по малку апсурдно, го намалува стравот од атомско уништување, кога уништувањето е веќе ваква ужасна и секојдневна пракса. Зошто би требало повеќе да нѐ плаши конечното уништување од ова сериско и серијално делкање на човековата егзистенција?

Станува збор за садистичко уништување кое некој садистички лидер го смислил, некој „тап“ генерал го нарекува должност, а некои избезумени полуинтелектуалци го оправдуваат. Којзнае, можеби некое утре, некој поет сѐ ова ќе го егзалтира. Трагично е до кој степен војната во Украина, како и секој друг конфликт, веќе не е табу. За војната веќе не се зборува како за најголемото и најдефинитивно зло на човештвото. Едноставно, војната во светот се претвори во норма, во нормалност, во секојдневие. Малкумина се скандализираат од оваа нормалност, и најчесто се исмејувани како наивчини и добри души. Како светот да сака да ни потенцира дека лошите души насекаде владеат.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема