1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Западнобалканското правило да (не) се проширува

ЕМФ | дпа
26 април 2023

Проширувањето на таканаречената регулатива за Западен Балкан што го бараат германските ФДП и СПД, може да предизвика несогласувања во претстојните консултации за новиот Закон за доселување на квалификувана работна сила.

https://p.dw.com/p/4QZVT
Ќе се прошири или не Западнобалканската регулатива?
Ќе се прошири или не Западнобалканската регулатива?Фотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Во пратеничката група на Зелените се зголемува отпорот против проширување на т.н. Западнобалканска регулатива.

„Наша цел е да ја направиме Германија како доселеничка земја толку атрактивна, што проширување на ваков договор, како Западнобалканската регулатива, во иднина ќе биде непотребно“, изјави за ДПА Мизбах Кан од Зелените.

Западнобалканската регулатива во моментов за вкупно 25.000 граѓани на Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово, Србија и Босна и Херцеговина отвора пристап до германскиот пазар на работа. На заинтересираните им е потребна конкретна понуда за работа и тие не смеат да добивале какви било азилантски услуги најмалку 24 месеци пред поднесување на барање за виза престој и работа во Германија. Регулативната донесена во 2016 година е временски ограничена до крајот на 2023 година. 

Заменикот шеф на пратеничката група на либералната ФДП, Константин Куле, побара либерализација на Западнобалканската регулатива, која, според него, е многу успешна. Куле бара вакво правило и за други држави.

Владин предлог текст за уредба што треба да го придружува Законот за доселување квалификувани работници предвидува дека таа треба да се применува на неодредено време. Освен тоа, контингентот треба да се удвои на 50.000 дозволи годишно. Одговорен за уредбата е сојузниот министер за труд Хубертус Хајл (СПД).

Вработувањето во Германија врз основа на Западнобалканската регулатива е многу успешно, смета Куле
Вработувањето во Германија врз основа на Западнобалканската регулатива е многу успешно, смета Куле (фото: работници од Србија во германска компанија)Фотографија: DW/F. Sabanovic

Во рамките на претходната голема коалиција во Берлин, легални миграциски рути за луѓето од земјите кои не се членки на ЕУ - освен за висококвалификуваните работници - практично не постоеја, оцени пратеничката на Зелените, Мизбах Кан. За тоа да се компензира, создадени се билатерални договори за работна миграција, како што е регулативата за Западен Балкан. Меѓутоа, со новиот Закон за квалификувана имиграција, според Кан, сега треба да се создадат повеќе легални патишта за доселување квалификувани стручњаци и за работници со професионално искуство кои итно ѝ се потребни на економијата.

Во четврток (27.04) Бундестагот првпат ќе расправа за новиот Закон за доселување на квалификувана работна сила. Владеачката коалиција сака со реформата на правилата во оваа сфера да го олеснува привлекувањето странски квалификувани работници. Освен тоа, луѓето треба да можат да дојдат да бараат работа во Германија со таканаречена картичка за шанси. Кој ќе добие картичка, ќе се одлучува врз основа на систем на поени. Критериумите вклучуваат јазични вештини, професионално искуство, возраст и поврзаност со Германија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема