1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Во 2023 најпотребен е мирот

30 декември 2022

Во 2023 или што е можно побрзо, на Европа и на Западот им е потребен мир. Во спротивно, повеќе нема да се занимаваме само со сценариото Русија-Украина, туку со далеку поголем и посериозен проблем. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/4LZ2G
Противвоздушната одбрана на украинскиот главен граде Киев активирана за време на руски ракетен напад на 29 декември 2022
Противвоздушната одбрана на украинскиот главен граде Киев активирана за време на руски ракетен напад на 29 декември 2022Фотографија: Mustafa Ciftci/AA/picture alliance

Војната во Украина ја одбележа 2022 година. Започната со руската инвазија на 24 февруари, војната со еден потег ги расчисти сите илузии дека слична трагедија не може повторно да се случи во Европа после 70 години релативен мир и 30 години од крвавиот распад на Југославија.

Кога ќе заврши конфликтот во Украина и што ќе донесе новата 2023 година на военото поле? Дали 2023 ќе биде годината кога војната ќе заврши, на военото поле или на дипломатската маса, или пак ќе продолжи и во 2024 година? Ќе разгледаме неколку сценарија за следната година и еден финален заклучок околу сознанијата кои војната во Украина само ни ги потврди.

Клучниот фактор во 2023 година ќе биде евентуалната руска офанзива напролет, кога временските услови ќе се подобрат и ќе заврши оваа релативна зимска пауза. Секоја војска која спровела инвазија во големите евроазиски степи, морала да се соочи и со надоаѓањето на зимата. Тоа важело за Наполеон, за Хитлер, за Сталин, а денес и за Путин кој се соочува со својот Виетнам, односно војна во која не се дозволени воени победи или порази, туку само политички. Русија веќе некое време сфати дека војната се добива не само со уништување на противничкиот воен апарат, туку и со масакрирање на популацијата и нејзино оставање без струја, вода, греење, телевизија и интернет. Тој кукавички пристап кон војната донекаде ја открива и слабоста на Москва, која пред доаѓањето на зимата се соочи со успешната украинска противофанзива. Украинците повратија речиси 50% од окупираните територии од Русија, која и понатаму држи под своја контрола 1/5 од украинската национална територија. Многу ќе зависи од руската способност новите 300 илјади војници успешно да ги истренира, измотивира и испрати на фронтот во првите месеци од 2023 година. Ако овие трупи и дозволат на Москва да поврати дел од окупираните, па изгубени територии, да ја подигне гордоста и престижот на руската армија, тогаш за очекување е конфликтот да продолжи. Доколку донесат само нови порази за Русија, тогаш може да се отвори патот и за негов крај.

Повеќе од авторот: Дали Путин веќе ја загуби војната?

Мошне веројатно сценарио е дека конфликтот ќе продолжи и после зимата и дека нема да дојде до разрешница ниту следното лето. Русија ќе продолжи да ја бомбардира украинската цивилна инфраструктура и ќе се обиде да спроведе нова голема офанзива. Украинците ќе пружат отпор и ќе напредуваат онаму каде што можат. Надежите за преговори се многу ниски. За да се дојде до мировен договор, неопходно е барем една од страните да ги промени своите барања, но нема никакви сигнали дека до тоа би дошло наскоро или во некое идно време. Веројатноста дека војната ќе продолжи низ цела 2023 година, во услови на релативна изедначеност помеѓу страните, е прилично голема. 

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Сценариото дека Украина би дошла до брза и дефинитивна победа на терен е тешко за предвидување и полно непознаници. И додека нема никакви сомнежи околу украинската резилиентност, одлучност, храброст и национална обединетост, како еден од предусловите за таков подвиг, тоа што и понатаму недостасува се воените и материјални средства, како и политичката волја на Западот за дефинитивно да се промени рамнотежната на терен. Стравот на Западот од директен конфликт со Москва или од ескалација на воените дејствија е причината поради која Киев и понатаму не добива тенкови, воени авиони или ракетни системи со голем дострел, без кои конечната победа на Украина е речиси невозможна.

Полагањето надежи во дипломатски притисоци или државен удар против Путин се реалистични, но и временски тешко изводливи сценарија за 2023 година. Човечките жртви, економските и воените загуби секогаш можат да принудат одредена политичка елита да ја откаже својата поддршка за војната. Војните од минатото, започнати заради погрешна проценка на земјата напаѓач, како САД во Виетнам или СССР во Авганистан, секогаш завршувале кога јавното мислење или политичкиот лидершип ќе одлучат дека им е доволно. Во демократските земји тој процес се одвива транспарентно, но и во тоталитарните режими како Русија постои внатрешна дебата, окултна и под маса, каде елитите одлучуваат дали вреди војната и понатаму да продолжи, најчесто и без знаење на лидерот. Над Путин виси тој Дамоклов меч, кога внатрешните услови ќе созреат и ќе ја принудат политичката елита да одлучи дека мирот, прекинот на војната или пучот, се единствениот начин да се оконча неповолната ситуација во која земјата се наоѓа. Ако војната продолжи неодредено време тоа и ќе се случи, но и за тоа ќе биде потребно повеќе време од следната година, освен ако САД, Кина и други сили како Индија, не успеат да го убедат Путин на брзо дипломатско решение.

Конечното сценарио е дека порано или покасно Украина ќе биде „победник" во оваа војна. Руската офанзива не би требало да го промени исходот на војната во своја корист, додека иницијативата ќе остане во рацете на Зеленски и Украинците. До крајот на 2023 година Украина би можела да ја поврати контролата над Крим, но не и да освои конечна победа, која сепак неминовно би отишла на нејзина страна во некое идно време. Доминантното мислење е дека што и да биде, Путин нема да биде тој што ќе излезе како победник од оваа војна која што и самиот ја започна.

Сценаријата се убава ментална гимнастика за иднината, но реалноста која веќе одлично ја познаваме од минатото, па и од војната во 2022, е дека ретко која војна има вистински победници. И оваа војна помеѓу Русија и Украина, или во поширока смисла помеѓу НАТО и Русија, произведува само губитници. Кога еден ден оружјето ќе занеме и ќе се дојде до примирје кое полека би еволуирало во траен мир, оваа суштинска вистина ќе се наметне пред очите на сите.

Повеќе од авторот: Доктрината Суровикин ја маскира слабоста на Путин

Кога тој ден ќе дојде Украина ќе се најде себеси територијално девастирана од војната и со речиси нефункционална и целосно уништена инфраструктура. Русија ќе се најде себеси со руиниран кредибилитет кон Западот, зафатена со внатрешни немири и овој пат навистина сведена од светска, на регионална сила. А не е ни дека НАТО и САД ќе излезат комплетно рамнодушни од овој судир. Без разлика колку евроатлантскиот и трансатлантскиот дух на сојузништво и соработка покажаа големи резултати и спремност за големи жртви, недоразбирањата, судирите и неслогата за очекување е да растат во блиска и подалечна иднина. Европа ја пропушти својата историска шанска како континентална компонентна на НАТО, да се претвори во европски столб на Алијансата, како една единствена структура, која настрана операциите на воена козметика, реално ќе ги зајакнеше своите одбранбени капацитети и политичкото единство. Европа е уморна после нецела година од воениот конфликт, нејзиниот велфер и благосостојба сериозно се нагризени, додека енергетската зависност и економската криза нема наскоро да исчезнат.

Руските гласови против војната во Украина

Америка е единствениот протагонист кој очигледно извлече некаква корист од ваков воен судир и од неговите димензии. САД успеа истовреме да постигне повеќе резултати. Како прво, конфликтот ни покажа и ни докажа дека Америка оддалеку е најголемата и најмоќна воена сила на светот. Американската одлучност да се впушти во конфликтот преку различни форми и начини, ја одвратиja Кина од нејзините моментални намери кон Тајван. Американската доминација во рамки на НАТО само се зајакна и стана недискутабилна, со исклучок на случајот Турција, на кој сигурно со американско одобрение му е дозволено да изигрува функција на посредник или медијатор за кога ќе се седне на преговарачка маса.

Повеќе од авторот:  Што по војната и евентуално Путин

Тоа што Американците сериозно го потценија и што продолжува негативно да еволуира се односите САД-ЕУ. Ембаргото и санкциите наметнати кон Русија воглавно негативно се одразија врз европските земји, додека САД излегоа привилигирани и во огромна предност, особено во енергетскиот сектор. Што се однесува до Вашингтон, си го решија и проблемот на европската енергетска зависност од Русија во услови каде раскинувањето на врските помеѓу двата блока ќе траат најмалку една генерација. Со тоа Америка си обезбеди гаранции дека покрај руското опаѓање, нема да дојде до толкав европски напредок кој би го загрозил американскиот економски примат и нивната „America first“ мантра.

Во само една година, воениот конфликт драматично го нагриза европското богатство и благосостојба. 12% ги изеде инфлацијата, а уште 10% беа изедени од загубите на берзите. Станува збор за економски тренд кој ниедна европска земја не може да го издржи. Затоа и не е за чудење дека во сите европски земји, покрај растечкото незадоволство кон Русија, драматично расте и ресентиманот кон Америка, виновна што направи така нефер поделба на трудот и потешкотиите, да на Европа и ги додели сите несреќи и цехови, а за себе ги остави непроменети сите бенефиции кои што ги ужива.

Така да, повеќе од само сценарија за решавање на конфликтот, 2023-та ќе биде и година на тест за двете крила на Западот. Кризата САД – ЕУ е неминовно да се случи во вакви услови на нееднаквост и само прашање на време е кога тој балон ќе прсне. Особено што веќе јасно гледаме дека продолжувањето на војната носи сериозни ризици да ја убие европската економија, која отсекогаш била „златната кокошка“ на светот.

Затоа, дали во 2023 или што е можно побрзо, на Европа и на Западот им е потребен мир. Во спротивно, повеќе нема да се занимаваме само со сценариото Русија-Украина, туку со далеку поголем и посериозен проблем. А тоа е економски колапс на Европа и потенцијален крах во односите помеѓу САД и ЕУ.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.