1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е стабилна владата на Димитар Ковачевски?

15 февруари 2023

Македонија сѐ уште е доста трусно политичко подрачје - можно е да има афтершокови и после оваа промена во власта, вели аналитичарот Исен Салиу.

https://p.dw.com/p/4NUnr
Димитар Ковачевски
Македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Седницата на Собранието на која се расправа за разрешување на министри, односно реконструкција на Владата, денеска влегува во трето продолжение. Рокадата на партнерите во власта, обвинувањата меѓу довчерашните партнери за непочитување на коалицискиот договор и предупредувањата дека и на новите партнери може да им се случи да бидат „брутално исфрлени“, според аналитичари, не ветуваат стабилност на политичката сцена.

„Македонија сѐ уште е доста трусно политичко подрачје, па затоа и најмал земјотрес на политичката сцена е проследен со доста афтершокови“, вели аналитичарот Исен Салиу.

„Така мислам дека ќе биде и после оваа рeконструкција на Владата, која не е проследена само со реконструирање на министри и други кадри, туку и рокада помеѓу партии - од опозиција во власта, и обратно. Мислам дека е доста можно да има афтершокови и после оваа промена во власта, сѐ до стабилизирање и уигрување на ова ново мнозинство“, смета Салиу.

Условувања од помалите партии

Алијанса за Албанците веќе има едно искуство во „уигрување“ со СДСМ, во првата влада на Заев, која брзо ја напушти, со порака од премиерот дека „вратата за нив останува отворена“, исто како што сегашниот премиер и` порача на Алтернатива. Дали второто уигрување ќе оди полесно?

„Во прилог на мнозинството оди тоа што осумте нови пратеници се концентрирани во една партија - Алијансата за Албанците. Но, излегувањето на Демократиот Сојуз на Павле Трајанов може да ги охрабри и другите мали партии во коалицијата на СДСМ да го кренат прагот на барања кон Владата, со условување дека и тие може да го следат чекорот на партијата на Трајанов“, оценува Салиу.

Откако во Собранието во понеделникот почна расправата за разрешување на членови на Владата, партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) вчера соопшти дека нејзиниот Централен одбор донел одлука да ја поддржи предложената реконструкција, но ги посочи и условите за тоа.

„Услов за поддршката на Владата и на парламентарното мнозинство е во првите 100 дена да започне процесот на ветинг и да се спроведе конфискација на нелегално стекнатиот имот заради ефикасна борба против корупцијата, да продолжи собраниската процедура за измени на Изборниот законик за една изборна единица, отворени листи и 50 отсто жени на листите и да се интензивира користењето на обновливи извори на енергија преку формирање енергетски задруги, за граѓаните да станат производители на електрична енергија, како и формирање Фонд за енергетска ефикасност“, соопшти ДОМ.

Дали е тоа само „алиби“, според аналитичарите, ќе се види по истекот на 100-те дена, и првите резултати што ќе покажат „каде плови овој брод“.

Северна Македонија парламент
Седницата на Собранието за разрешување на министри, односно реконструкција на Владата, денеска влегува во трето продолжениеФотографија: Petr Stojanovski/DW

ВМРО-ДПМНЕ со апел до пратениците од власта

Според извори од владејачкото мнозинство, влезот на АА бил условен со одржување на парламентарни избори во редовниот рок, со цел да има време „да се направи разлика“. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, предвидува кратко траење на рекомпонираното мнозинство.

„Овој парламентарен состав очекувам многу скоро да го заврши својот мандат, и откако ќе го заврши својот мандат, да одиме на брзи предвремени парламентарни избори“, порача Мицкоски.

Според Салиу, ВМРО-ДПМНЕ во овој период пропуштила некои можности.

„За мене се доста зачудувачки реакциите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ кои после излегувањето на Алтернатива од Владата место да праќаат пораки на приближување, кон нив испраќаа пораки на потсмевување, со што ‘на клоци’ ги оддалечуваат од еден унифициран опозициски камп, и тоа во ситуација кога опозицијата има реални шанси во целина да добие толкав број на пратеници, колку што и изгуби“, оценува тој.

ВМРО-ДПМНЕ реши да се обрати кон пратениците од власта. Во денешното партиско соопштение наведува дека „се повеќе пратеници од СДСМ гласно зборуваат дека не се согласуваат со политиките на Ковачевски“

„И самиот тој знае дека никој не ги одобрува неговите постапки, и затоа со закани и притисоци ги држи во страв. ВМРО-ДПМНЕ апелира до пратениците од власта, сите оние кои во изминатиов период покажаа разум и поинакви ставови од ова раководство, да му застанат на патот на истото“, апелира ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека по промена на власта, СДСМ ќе биде потребен како опозиција, но стабилен СДСМ, со силни национални и државни политики.

„Знаеме дека во СДСМ има луѓе кои истото тоа го сакаат, и само тие може да ја спречат нивната партија да не се растури по претстојните парламентарни избори, а најлесен начин за тоа е да му кажат ‘не’ на Ковачевски“, се вели во соопштението.

Цехот на „огнените“

Во моментов, најтивко е во ДУИ, ако се исклучи вревата што ја предизвикуваат припадниците на незадоволното крило од т.н. Огнена група, која, според Салиу, сега можеби има поголема цел од првичната.

„Во играта на бројки на релација власт - опозиција многу работи зависат и од тоа дали ‘Огнената група’ ќе успее да придобие на своја страна уште некој пратеник од редовите на ДУИ, бидејќи целта на оваа група, по сѐ изгледа, веќе не е само да ги смени Артан Груби и Бујар Османи, туку да се смени оваа влада“, вели Салиу.

ДУИ во опозиција досега била само еднаш, помалку од две години, во периодот од 2006 до 2008 година. Во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ беше на власт од 2008 до 2017 година, а со СДСМ од 2002 до 2006 година и од 2017 до денес, што значи дека веќе има речиси изедначен „стаж“ во коалицирањето со секоја од двете најголеми македонски партии. ДУИ лани го прослави 20-иот роденден, од кои 18 на власт.

Од власта засега не откриваат дали новата коалиција е зачеток на иден фронт, кој, како што се шпекулира во јавноста, би можел заеднички да настапи на следните избори.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема