1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија под „вршник“, портокалова фаза до недела

ДТЗ
12 јули 2023

Метео-алармот е вклучен, Северна Македонија во наредните денови ќе биде зафатена од високите температури од портокалова фаза. Од 13 до 16 јули на сила се мерки и препораки за заштита

https://p.dw.com/p/4Tm0q
високи температури
Од четврток до недела на сила се мерки и препораки поради високите температуриФотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk/K.-J. Hildenbrand

Низа мерки и препораки стапуваат на сила по метео-алармот дека Северна Македонија во наредните денови ќе биде зафатена од високи температури. Сите региони во државата: скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза. Поради, тоа, почнувајќи од 13 јули (четврток) почнуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

Владата препорачува:

  • Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;
  • Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
  • Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, a
  • Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Препораките мора да се почитуваат

Државните органи и јавните претпријатија и установи ќе мора да ги почитуваат препораките. И приватниот сектор ќе треба да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, се препорачува да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници. Градинките, пак, треба да го организираат работното време во периодот од 7 до 17 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11 часот.

Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од четири дена, од 13 - 16 јули, до натамошно одлучување.

Волонтери ќе им помагаат на граѓаните

Петнаесет обучени волонтери и три  возила на Црвениот крст ќе патролираат на најфреквентните локации во Скопје и ќе им помагаат на граѓаните во справување со жештините, со тоа што ќе им делат шишиња вода, а по потреба ќе се  вршат и мерење на крвниот притисок. Доколку забележат посериозен здравствен проблем, тимот на Црвениот крст ќе изврши транспорт до најблиската здравствена установа, или, пак до домот на лицето кое има потреба од терапија во домашни услови, известуваат од хуманитарната организација.

Тие во директен контакт со населението, ќе дистрибуираат  информативни материјали/флаери со совети за заштита од топлотен бран, совети за консумирање и приготвување храна и препораки за консумирање вода, информираат од Црвен Крст.