1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Таравари со една нога во Владата

ДТЗ
31 јануари 2023

Алијанса за Албанците има пет програмски приоритети пред влез во Владата. Најважниот е пакет мерки за борба против корупцијата и криминалот, како и функционирањето на правната држава.

https://p.dw.com/p/4MvZ4
Арбен Таравари
Алијанса за Албанците со една нога е во Владата. Конечен договор за коалицирање се уште немаФотографија: DW/P. Stojanovski

Алијанса за Албанците со една нога е во Владата. Конечен договор за коалицирање се уште нема, но лидерот на партијата, Арбен Таравари се надева дека и тоа ќе се случи наскоро. „Околу 90 отсто од програмските определби се синхронизирани, но за кадровските решенија воопшто не разговаравме затоа што средбата траеше многу долго“, рече Таравари по средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата. 

Првиот човек на Алијанса се надева дека деновиве ќе биде отворено и прашањето за кадровските решенија. Убеден е дека партијата има најдобри кадри за во Министерството за здравство, што ги потврди неофицијалните информации коишто се појавија во јавноста изминатиот период дека токму оваа позиција, како и челното место во Министерството за правда се дел од партиските пазарења за зголемување на владината коалиција. Во зависност од рокадата на ресори меѓу СДСМ и ДУИ меѓу министерствата за образование, екологија и за земјоделство, исто така се најавува дека едно би можело да биде отстапено за Алијанса. 

Папка со барања 

Таравари во Владата дојде со папка полна со барања. Станува збор за програма од пет точки, во која станува збор за определбата на државата за евроинтеграции, законите за борбата против корупција, законот за влада, Бирото за рамномерен развој да биде Агенција за рамномерен развој и други закони. 

„Првата и најбитна за нас е пакетот наш за борба против корупција и криминал и функционирање на правната држава. За другите е некоректно да зборуваме пред да ги презентираме во Владата“, рече Таравари пред средбата. 

На прашањето дали евентуалниот влез на Алијанса ќе предизвика несогласувања во Владата бидејќи Алтернатива се противи, Таравари рече дека тоа е работа на коалициските партнери во Владата.

Од Владата по средбата информираа дека Ковачевски и Таравари разговарале за повеќе актуелни теми врзани со стратешките определби на државата. „Разговарано беше за придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО, отпочнувањето на преговорите со ЕУ со крајна цел полноправно членство во ЕУ како и стратешкото партнерство кое Северна Македонија го има формализирано со САД“, се наведува во соопштението.

Во фокус борбата против корупцијата 

Во фокус на разговорите биле и неприкосновената борба против корупција, како и процесот на скринингот кој досега успешно се одвива, но и процесот на носење одлуки и реформи кои ќе придонесат до што поскора интеграција на земјата во ЕУ.

„Ковачевски и Таравари разговараа и се согласија за важноста од унапредувањето на добрососедските односи кои се одлика на македонската политика и дипломатија низ годините, со крајна цел – внатрешна кохезија и меѓународна интеграција на Северна Македонија, но и иден брз напредок и развој на државата“, се наведува во соопштението.

На средбата станало збор и за ефикасното справување со енергетската и економската криза, економскиот развој како и носењето на реформски закони кои значат унапредување на функционирањето на државата како што се законските решенија за јавна финансиска контрола, спречување на злоупотреба на балансерот, заштита на ранливите категории граѓани, како и законот за Влада, но и институционалното зајакнување на Бирото за регионален развој.

Од Владата најавуваат дека работните состаноци на премиерот со парламентарните и вонпарламентарните политички партии, на кои фокусот е продолжувањето на европскиот пат и носењето одлуки исклучиво во интерес на граѓаните и државата, ќе продолжат и понатаму.

Според информации што се шират во јавноста во понудата за влез на АА во Владата ќе бидат министерствата за правда и за здравство и во зависност од рокадата на ресори меѓу СДСМ и ДУИ меѓу министерствата за образование, екологија и за земјоделство, едно ќе биде за Алијанса.

По средбата на двајцата лидери, СДСМ ќе одржи седница на Извршниот комитет на која ќе се разговара за актуелните прашања.