1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сопруги на украинските војници бараат демобилизација

13 јануари 2024

Нивните сопрузи се на фронтот веќе 21 месец. Ова предизвикува отпор кај сопругите на украинските војници. Многумина излегоа на улица и бараат демобилизација. Но, во исто време на Украина и недостигаат војници.

https://p.dw.com/p/4Zos1
протест Украина
Сопругите на украинските војници на Плоштадот на независноста во Киев, ноември 2023 година.Фотографија: Privat

Тие протестираат на Плоштадот на независноста во Киев, на температури под нулата. На снег и дожд. Носат транспаренти на кои пишува: „Дојде време за другите“ и „Мојот сопруг не е затвореник“.

Сопругите на украинските војници бараат демобилизација. „Бараме да им биде дозволено да ја напуштат армијата“, вели Хана Бондар. Нејзиниот сопруг се бори на фронтот веќе 21 месец. Вели дека е многу исцрпен.

Како и многу други, сопругот на Хана доброволно се пријавил во армијата на почетокот на рускиот напад врз Украина. „Претпоставувавме дека по година и пол ќе им биде дозволено да се демобилизираат, како што беше случајот во 2015 година“, објаснува друга Украинка, Јулија Павлиенко.

Жените велат дека не останало многу од некогашната висока мотивација на нивните сопрузи. Континуираните борби ги исцрпуваат украинските единици. „Мојот сопруг само сака да преживее“, вели Павлиенко. „Тој едвај има сила да се бори.

Проблеми со регрутација

Украинското раководство се соочува со систематски проблеми. На фронтот има недостиг од добро обучени војници, но многу мажи се кријат од регрутниот оддел или се обидуваат да избегнат мобилизација со помош на пари. Другите ги ловат по улиците и се испраќаат во војска, понекогаш користејќи сурови методи.

Украинската влада мора да донесе непопуларни одлуки, вели воениот ветеран и воен експерт Јевхен Дикиј. Како и жените на Плоштадот на независноста, тој исто така предлага воениот рок да биде ограничен на одредено време. Две години, вели, се повеќе од доволни. А, според сегашната регулатива не се гледа крајот.

„Секој што волонтира добива карта за војна во еден правец. Во исто време“, додава тој, „сите шрафови мора да се затегнат. Ниту една земја во светот не успеа да победи во толку голема војна само со доброволци“.

протест Киев
Една од жените на протестот во Киев - нејзиниот сопруг е во 128-та планинска нападна бригада на украинската армијаФотографија: Privat

Компании за регрутирање

Многу Украинци велат дека сè уште се подготвени да ја бранат својата земја со пушки во рака. Дека населението се уште има доволно потенцијал за мобилизација покажува и практиката на одредени воени единици кои регрутираат свои војници. Тие често се рекламираат на плакати кои изгледаат „херојски“. Волонтерите можат да аплицираат за одредена позиција во војската и да поминат низ процес на селекција. Побарувачката за овие единици е голема и не секој што аплицира добива можност да им се придружи.

Украинското раководство отсега има намера повеќе да се потпира на компаниите за регрутирање. Фирми како „Лоби Х“ . „Кај нас луѓето можат доброволно да аплицираат за одредена позиција во одредена единица, во зависност од нивната способност и соодветност“, вели првиот човек на компанијата Владислав Хрешјев.

Критичарите велат дека оние што ги регрутираат властите често добиваат само кратка обука и дека нивните индивидуални вештини не се земаат предвид. Одборот за одбрана на украинскиот парламент со месеци работи на нов предлог-закон со кој би се решил тој проблем. Компаниите исто така не можат да ги регрутираат потребните 100.000 војници.

Реформата мора да се спроведе многу брзо, вели Јевхен Дики. Тој повторува дека ограничувањето на должината на воениот рок е особено важно. „На овој начин решаваме два проблеми одеднаш: едниот е проблемот на оние кои се на фронтот од почетокот, а другиот е регрутирањето на нови кандидати. Да се ​​оди во војна една, две или дури три години и да се знае дека така ќе биде е поинаку од одење во војна и неизвесност со билет во еден правец“.

Протестите на жените наидуваат на отпор

Малку е веројатно дека проширувањето на мобилизацијата ќе наиде на ентузијазам кај населението во Украина. Во исто време, жените кои протестираат на Мајдан се соочуваат со отпор и отфрлање.

„Луѓето тоа го толкуваат вака: за да дојде мојот сопруг дома, нејзиниот мора да си замине“, вели Јулија Павлиенко. А, Хана Бондар посочува на негативни коментари на социјалните мрежи. Вели дека, на пример, им го пишуваат следново: „Тогаш вие, жени, одете на фронт!“ Но, тие не дозволуваат тоа да ги обесхрабри.

За да може армијата да продолжи да ја брани Украина, и требаат свежи и добро обучени војници. Уморна и немотивирана армија не може да ги запре руските сили.