1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите мијат раце од „патронство“ врз Палевски

8 декември 2023

И пречел и на власта и на опозицијата, сите обвинуваат дека бил толериран и заштитуван, но никој не признава свој придонес во неговото „растење“ во различни периоди.

https://p.dw.com/p/4Zudx
Љупчо Палевски- Палчо
Љупчо Палевски, првоосомничен за свирепите убиства на Вања Ѓорчевска и Панче ЖежовскиФотографија: DW

Двојното свирепо убиство за кое првоосомничен е Љупчо Палевски, ги вжешти дебатите по прашањето - кој му давал закрила и под чиј партиски или пропаганден патронат било негувано неговото криминално и несанкционирано поведение.

ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека „власта на СДСМ водена од партиските интереси негувала монструозен лик како Палевски, кој прераснал во Франкештајн".

Прашан - чија креација е Љупчо Палевски, премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, во синоќешното интервју за „360 степени“ рече дека не знае чија креација е тој, но постави серија реторички прашања. 

Не знае чија креација е Палчевски: македонскиот премиер Димитар Ковачевски
Не знае чија креација е Палчевски: македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Government North Macedonia

„Кој мене ми правеше гилотина минатата година во јули пред Собрание? Кој мене ми правеше јавно судење минатата година тука пред Влада? Кој организираше фрлање молотови коктели врз Министерството за надворешни работи? Кој ја организираше толпата којашто сакаше да влезе во зградата на Владата, при усвојувањето на европскиот предлог? Кои луѓе беа таму, се сеќавате? Се сеќавате дека таму беа и тој Палевски што го спомнувате. Се сеќавате дека таму беше и претседателот на Левица. Се сеќавате дека таму беше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Се сеќавате дека таму беа и претставници на медиуми, и еден член на Државна комисија за спречување на дискриминација, се сеќавате дека јас неколкупати укажував дека има странски агентури коишто го финансираат тоа, а за тоа ќе треба да направите интервју со други лица, не со мене. На пример, со претставници на безбедносни органи. И ако е нечиј тој Палевски, тогаш е на тие коишто цела година тоа го организираа“, рече премиерот. 

Го прашав Макрон...

Серијата прашања не застана на тоа. Премиерот во неговата реторичка експликација, откри дека дури и го коментирал изборот на лица кои се примаат на разговори во француската амбасада, а индиректно фрли сенка и врз кадровскиот избор на македонски амбасадор во Словенија.

„Што правел поранешниот претседател на Либерално-демократска партија на состаноци со Љупчо Палевски? Што правел генералниот секретар на Демократски сојуз на состаноци со Љупчо Палевски, минатата година, што правеле (...) Јас го имам прашано претседателот на Франција, Макрон - дали знае во неговата амбасада во Скопје, какви луѓе се примаат на разговори?“, откри Ковачевски.

Кој е Љупчо Палевски, осомничениот убиец на Вања Ѓорчевска

Тој не кажа за кои лица смета дека е спорно да бидат примени на разговори во француската амбасада во Скопје, ниту пак даде објаснување во каков контекст кажал нешто, што излегува надвор од неговиот мандат. Но, во продолжение на одговорот алудираше дека се работи за лица кои работат против интересите на државата и нејзиниот евроинтегративен процес.

„Мора еднаш истражните и правосудните органи во оваа држава да ги идентификуваат сите коишто работат против интересите на државата и на институциите на државата, коишто се под влијание на странски агентури, кои шират хистерија и коишто прават сè, оваа држава да не може да продолжи во нормален евроинтеграциски процес“, рече премиерот. 

Поранешен претседател на Либерално-демократската партија е Горан Милевски, кој јавно се изјаснуваше против францускиот предлог. Лани поднесе оставката на министерската функција, како што наведе од лични причини, потоа и се повлече и од лидерската позиција во ЛДП. Во мандатот на Ковачевски стана македонски амбасадор во Словенија.

Опозоциската ВМРО-ДПМНЕ досега преку повеќе сооопштенија ги обвини социјадемократите како виновници што негувале монструозен лик како Палевски.

„Тие сметаа дека еден таков човек кој преку редовните подкасти кој тој ги правеше на едем канал заедно со неговата дружина ќе шири омраза, насилство, навреди и клевети кон ВМРО-ДПМНЕ и така ќе им биде корисен. Ваквата негова реторика и поведение оставаа впечаток кај јавноста дека се работи за моќен лик на кој никој ништо не му може и истото тој го искористи за изнудување, заплашување и на крајот грозоморен чин, двојното убиство. Тоа се истите луѓе кои рекетираат, шират говор на омраза и повикуваат на јавни линчови“, соопшти партијата. 

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје
Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во СкопјеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Оттаму обвинуваат дека освен политичката поддршка, Палевски уживали полициска поддршка од моќни структури во МВР. 

„Доказ за тоа е неказнивоста која ја уживаше Палевски и што никогаш не одговарал за нелегалните дејанија. Најдобар пример за тоа е полицискиот записник од мај месец оваа година, кога полицијата го фаќа Палевски и неговата група, која патем е идентична со оваа која сега е осомничена за двојното убиство, им наоѓа нелегално оружје и како што гледаме после тоа нема никакви последици и санкции“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. 

Селективност

Единствена прилика кога партиите застанале, условно речено во „одбрана“ на Палевски, беше во септември 2020 година, кога тој (во тоа време претседател на движењето „Трета“) бил нападнат со метални шипки од две лица во близина на неговиот дом кај трговскиот центар „Буњаковец".

СДСМ го осуди нападот и побара институциите брзо да го расчистат случајот и сторителите да бидат казнети.

„Во модерно, демократско општество, недозволиво е какво било насилство врз кој било поединец. Очекуваме надлежните институции брзо да го расветлат случајот, да ги пронајдат сторителите и тие да бидат соодветно санкционирани. Времето на неказнивост на насилството одамна заврши, сега е време на одговорност и секој што сторил насилство ќе се соочи со законите и правдата“, порача СДСМ.

Седиштето на СДСМ во Скопје
Седиштето на СДСМ во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Но времето за завршување на неказнивоста на Палевски ни тогаш не беше дојдено, а неговите девијантни активности се „забораваа“ само кога тој ја крититуваше власта.

Во соопштението што тогаш го објави ВМРО-ДПМНЕ, Палевски беше третиран само како критичар на власта.

„Мафијата на Заев и неговите слуги се покровители на обидот за убиство врз критичарот на власта Љупчо Палевски. Сторителите на таквиот грозоморен чин се познати, а инспираторите на тоа треба да се бараат во врвот на власта“, обвини партијата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи