1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се стега ли обрачот околу Вучиќ?

3 јуни 2023

Масовни протести, криза на Косово, притисоци од меѓународната заедница. Се стеснува маневарскиот простор за претседателот на Србија, Вучиќ. Но, дали тоа навистина е почеток на крајот, како што најавува опозицијата?

https://p.dw.com/p/4S9b3
Српскиот претседател Александар Вучиќ на контрамитингот на 26 мај 2023 во Белград
Српскиот претседател Александар Вучиќ на контрамитингот на 26 мај 2023 во БелградФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Помина еден месец откако тринаесетгодишник изврши масовно убиство во своето основно училиште во Србија. Без разлика на десетиците илјади парчиња оружје што граѓаните ги предадоа при акцијата на државата за разоружување, страстите не се смируваат.

Граѓаните по петти пат се подготвуваат за протестите против насилството (сабота, 3 јуни),  најмасовните политички собири од Петти октомври.

„Мораше да се случи нешто незамисливо, нешто толку страшно, како што се масовните злосторства, за да предизвика таков страв, за да започне крунисувањето на тој патолошки, шизофреничен мозаик на поделеното општество. И тоа така што луѓето излегоа на улица“, вели за ДВ Перица Гуњиќ, уредник на порталот Цензоловка.

Еден од организаторите на протестот, Радомир Лазовиќ од Зелено-левиот фронт, вели дека овојпат луѓето на улица ги изнеле емоциите. „Сите бевме вознемирени што по несреќата дојде брзата реакција на државата - дека системот не потфрлил. Не постои можност да се знае еден ден по трагедијата дали системот потфрлил или не. Тоа предизвика гнев бидејќи луѓето видоа дека ништо значајно нема да се смени доколку се прашува власта“, објаснува Лазовиќ.

„Гледаме почетокот на крајот на СНС“

Гневот и тагата, меѓутоа, дојдоа по години фрустрации, незадоволство и огорченост поради аферите што ја следат владејачката Српска напредна партија (СНС) - од уривањата во Савамала, до падот на хеликоптерот, Крушик, убиството на Оливер Ивановиќ, сè до сомнежите за врските на државниот врв со криминалниот клан  на Вељко Беливук, за што неодамна пишуваше американскиот весник Њујорк Тајмс.

Четвртиот протест „Србија против насилството“ на 27 мај 2023 година
Четвртиот протест „Србија против насилството“ на 27 мај 2023 годинаФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Затоа од опозицијата стигнуваат победнички пораки. „Криминалниот октопод СНС длабоко навлезе во секоја пора на нашето општество, се гради веќе една деценија или повеќе. Да се ​​тврди дека е готов би било преоптимистички, но секако гледаме почетокот на крајот на СНС“, смета Лазовиќ.

Без оглед на се, би било пресилно да се каже дека обрачот околу владата се стега, вели извршниот директор на ЦеСИД, Бојан Клачар, но ситуацијата секако е предизвикувачка. „Овие настани се проблематични од перспектива на некој кој сака да биде чекор пред конкуренцијата. Одговарањето на тие настани го става во дефанзивна позиција, а тоа не му се допаѓа на Александар Вучиќ. Тој сака да отвора теми и да ја контролира политичката агенда“, објаснува Клачар за ДВ.

Курти (не) помага

Клачар смета дека поголем проблем за Александар Вучиќ е Косово и оти тамошните кризи го ставаат во многу непријатна позиција. „Затоа што Косово е тема што ќе трае. Протестите, дури и ако бидат истрајни и масовни, имаат свој век. Косово го нема тој век“, смета извршниот директор на ЦеСИД.

Тој потсетува дека истражувањата на јавното мислење покажуваат дека Косово годинава повторно се искачува на листата на приоритети на српските граѓани. „И уште нешто, одливот на гласови на СНС на последните избори во голема мерка беше поврзан со Косово и со Русија“.

Соговорниците на ДВ ја отфрлаат тезата дека последните инциденти на северот на Косово се исценирани за да се одвлече вниманието на јавноста. „Ми се чини дека цело време живееме со проблемот на Косово, па сè мора да се случува паралелно“, вели Лазовиќ, но додава дека Александар Вучиќ со носењето луѓе на „контрамитингот“ на СНС им овозможил на властите во Приштина да ги окупираат општините.

Војници на КФОР ја обезбедуваат општинската зграда во Звечан во северно Косово
Војници на КФОР ја обезбедуваат општинската зграда во Звечан во северно КосовоФотографија: Valdrin Xhemaj/REUTERS

Стоп за „фабриките за омраза“ во медиумите

Што се однесува до барањата на протестите, покрај оставката на министерот за образование, досега се одржа и вонредна седница на српскиот парламент. Владата срамежливо најави укинување на некои ријалити шоуа, но без конкретна забрана.

„Бараме под итно и веднаш да се запре изложувањето на нашето општество на насилство кое доаѓа од телевизиите со национална фреквенција - Пинк и Хепи- да се запрат фабриките на омраза во печатените медиуми како Информер, Ало и слични, да се смени раководството на јавниот сервис и РТС и да се ослободи и да се сноси одговорност во оние области кои се важни за овој случај, а тоа се образованието, полицијата и БИА (Безбедносно-информативна агенција)“, потсетува Лазовиќ.

Тоа што медиумите се главна тема на овие протести само говори дека владата на Александар Вучиќ темелно и детално ја промени медиумската сцена во целата земја, објаснува Гуњиќ. „Стотици милиони евра пари на граѓаните, од буџетот, беа впумпани во нови или релативно нови медиуми контролирани од СНС. Создадени се нови медиумски империи, нови медиумски тајкуни, во секој дел од земјата ги има онолку колку што се неопходни за пропагандата на власта да стигне до секое ќоше на Србија“, вели уредникот на Цензоловка за ДВ.

Затоа Гуњиќ не верува дека СНС ќе исполн некои од преостанатите медиумски барања. „Напротив, тие ќе ги интензивираат конфликтите во Косово или ќе ги наведат десничарите да ги напаѓаат оние кои мирно протестираат. Вучиќ се однесува како совршено да би му одговарал некаква мини-војна, како и на десничарските спонзори од Русија“, додава Гуњиќ. 

Александар Вучиќ темелно и детално ја промени медиумската сцена во целата земја, велат соговорниците на ДВ
Александар Вучиќ темелно и детално ја промени медиумската сцена во целата земја, велат соговорниците на ДВФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Нема политички промени

Бојан Клачар од ЦеСИД не верува ни дека протестите ќе резултираат со нови избори, а уште помалку со преодната влада за која толку гласно се зборува. „Во Србија, колку и да се масовни протестите, не можеме да зборуваме за толку голема политичка криза за  владата да би признала политички пораз“, вели Клачар.

Затоа опозицијата бара сојузници во меѓународната заедница. По средбата со известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик и пратеникот Матјаж Немец, Лазовиќ рече дека ја повикале Европската унија да заземе јасен став за барањата на протестите и за нападите на кои се изложени различни општествени групи.

„Добро е што Европскиот парламент усвои резолуција во која повеќето од нашите барања се совпаѓаат со наодите на Парламентот и очекувам во сабота на 3 јуни да го добиеме и јавниот став на ЕУ, кој ќе се однесува на тоа дека овие протестните барања се нешто што ЕУ го гледа и го поддржува преку неговите официјални извештаи“, додава Лазовиќ.

За тоа време, Вучиќ, бара излезна стратегија во реформата на СНС и создавање на ново движење за да поврати дел од изгубените гласачи на СНС пред, наместо да ја реформира медиумската сфера, на опозицијата евентуално да и понуди - избори. .

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема