1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите посегнуваат по дрога за да си ја „разубават“ вечерта

ДТЗ
23 февруари 2024

Регионално истражување покажува дека алкохолот и психоактивните супстанци се речиси секојдневие при ноќните излегувања на младите. Но, употребата на дроги носи и голем број ризици и опасности за животот на младите

https://p.dw.com/p/4cm3A
Канабис Португалија
На пазарот циркулираат марихуана, халуциногени печурки, МДМА-кристал, како и ликвид кристалиФотографија: Lusa Estela Silva/epa/dpa/picture-alliance

Бројот на малолетници кои употребуваат дроги е зголемен во постковид периодот. Регионално истражување покажува дека алкохолот и психоактивните супстанци се речиси секојдневие при ноќните излегувања на младите. Испитаниците од Македонија, Хрватска и Србија на возраст од 18 до 35 години во онлајн анкета за регионалниот проект „Млади за млади, заедно да работат”, споделиле дека најчесто посегнуваат по алкохол, канабис, кокаин и екстази за да си ја развеселат вечерта. Но, некои од нив користат и амфетамини и магични печурки.

Дел од испитаниците тврдат дека биле сведоци на предозирања и дека таа бројка не е воопшто мала, а активистите од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје,  коишто учествуваа во регионалниот проект, посочуваат на низата ризици од неконтролираното однесување на младите, кои го доведуваат во опасност нивниот живот. 

Трендови во регионот

Иако со истражувањето се опфатени само 119 млади луѓе од Македонија, Влатко Деков од ХОПС за ДВ вели дека оваа анализа ги покажува трендовите во земјата, но и во регионот во однос на употребата на психоактивни супстанци и е огледало за тоа колку се безбедни младите при ноќните излегувања. Но, тој посочува дека е неопходно да се направат и пообемни анализи на оваа тема.

„Ризичното однесување поврзано со употребата на психоактивни супстанци е големо. Над 50 отсто од испитаниците кои употребуваат психоактивни супстанции при ноќните излегувања зеле супстанца за која не биле сигурни што е тоа што го употребуваат. 45,7 отсто од испитаниците кои употребиле психоактивна супстанца одговориле дека го споделуваат приборот при употреба на психоактивните супстанци“, укажува Деков.

Во зависност од видот на приборот кој го користат, ризикот од пренесување на инфекции може да биде поголем ако се споделува приборот за инјектирање и приборот за назална употреба на супстанцата. Уште позагрижувачки е дека дури 73 отсто од оние кои употребуваат супстанци рекле дека ги мешаат психоактивните супстанци, односно во текот на ноќта употребуваат повеќе видови на психоактивни супстанции што дополнително влијае на ризикот од предозирање или нарушување на здравствената состојба.

печурки
Дел од младите посегнуваат и по амфетамини и по магични печурки.Фотографија: David Herraez Calzada/Zoonar/picture alliance

Нелегални дроги на дланка

Половина од испитаните во Северна Македонија споделиле дека при ноќните излегувања употребуваат психоактивни супстанци. Од нив, 75 отсто тоа го направиле во последниот месец. Најупотребувана супстанца е алкохолот (44,5 отсто), околу  35,3 отсто посегнале по канабис, кокаин пробале 24,3 отсто, а 21 отсто користеле екстази.

Слична е ситуацијата и во регионот. Најчесто употребуваната психоактивна супстанца која испитаниците ја користеле во последните 30 дена е алкохолот. Втората најчесто користена нелегална психоактивна супстанца во последните 30 дена во Хрватска е амфетамин/спид (45,45%), потоа МДМА/екстази (29,87%), а потоа следи кокаинот (27,27%).

Но, во Северна Македонија тоа е кокаинот ( 49,15%), па MDMA/екстази (42,37%), па дури потоа следи спид (33,9%). Во Србија, по алкохолот и канабисот следат МДМА/екстази (28,95%), амфетамин/спид (23,68%), а потоа кокаин (19,74%).

„Наведените супстанци се многу чести кај младите во ноќниот живот и голем процент од нивното користење почнало од неодамна, што потенцијално укажува на зачестеност на користењето место еднократно експериментирање. Ова се совпаѓа со резултатите од претходните истражувања кои сугерираат дека кај младите во ноќните часови најчесто користени супстанци се алкохолот, канабисот и стимулансите. По нив следуваат халуциногените печурки и LSD, така што би можело да се каже дека рекреативната употреба на супстанци со психоделични и халуциногени својства е исто така доста застапена“, укажуваат од ХОПС.  

Ризик од предозирање

Загрижувачки е тоа што дури 73 отсто од оние кои употребуваат супстанци рекле дека ги мешаат, односно во текот на ноќта употребуваат повеќе видови на психоактивни супстанции што дополнително влијае на ризикот од предозирање или нарушување на здравствената состојба. Исто така, 83 отсто од оние кои употребуваат психоактивни супстанци одговориле дека имале сексуални односи под дејство на психоактивни супстанци. Само 37, 8 отсто редовно користеле кондом при сексуален однос, се наведува во истражување на ХОПС, реализиран во партнерство со организациите „Ре Генерација” од Белград и „Удруга Тера” од Ријека. 

Амстердам Холандија
Млади луѓе уживаат во канабис во АмстердамФотографија: Ramon van Flymen/ANP/picture alliance

Во Македонија, според Извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за користење од 2017 година : 8,9 % од популацијата употребиле дрога кога било во животот, 6,9 % користеле дрога барем еднаш во претходната година, додека 4,3% изјавиле дека употребиле дрога барем еднаш во претходниот месец. 

Најголема преваленца во употребата на дроги има кај возрасната група од 15 до 24 години. Кај младата популацијата на возраст пд 15-34 години најчесто користена дрога е канабисот. И според Извештајот за употреба на алкохол, цигари и дроги кај училишната младина од 2019 година, најупотребувана дрога е канабисот.

Овие податоци се од пред повеќе од четири години. Во меѓувреме се случи ковид-епидемијата која предизвика зголемена употреба на психоактивни супстанци во сите земји низ светот. „Претпоставуваме дека и во Македонија е зголемена нивната употреба кај сите возрасни групи, вклучувајќи ги и малолетниците“, вели Деков.