1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Партигејт“: Борис Џонсон се откажа од пратеничкиот мандат

Кристијан Валц
10 јуни 2023

Аферата околу нелегалните забави за време на корона-локдаунот му е камен на вратот на поранешниот шеф на британската влада: Борис Џонсон ја објави својата оставка како член на парламентот.

https://p.dw.com/p/4SPnw
Борис Џонсон излегува од својот дом во Лондон
Борис Џонсон излегува од својот дом во ЛондонФотографија: Victoria Jones/PA Wire/empicspicture alliance

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон изјави дека е многу тажен што, барем засега, го напушта Парламентот. Тој тврди дека „на антидемократски начин“ бил истуркан од парламентот од страна на мал број луѓе.

Џонсон како причина за својата оставка ја наведе истрагата на парламентарната комисија за таканаречениот скандал „Партигејт“. Тој добил писмо од членовите на комисијата кое јасно укажувало „дека се решени да го искористат случајот против мене за да ме исфрлат од Парламентот“, тврди Џонсон. Затоа тој се одлучил на оставка пред да се случи она што го претпоставувал.

Во исто време, 58-годишникот нагласи дека нема разбирање за наводите на комисијата. Таа, според него, „сè уште не обезбедила ни најмал доказ“ дека тој „свесно или небрежно го довел во заблуда“ Парламентот.

Забави во седиштето на владата

По серија скандали, Џонсон ја објави својата оставка на премиерската функција во јули 2022 година, но остана член на Парламентот. Во 2021 година се дозна дека за време на пандемискиот локдаун, во седиштето на владата во Даунинг Стрит, постојано имало забави со многу алкохол. Џонсон негираше дека биле прекршени корона-правилата.

Сега, во изборната единица на Борис Џонсон во Лондон треба да се одржат дополнителни избори. Изборите доаѓаат во време на лош рејтинг на конзервативните Ториевци. Поранешниот премиер Џонсон ги користи овие лоши резултати за да го критикува својот наследник Риши Сунак.