1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи: Должност ни е да осудиме геноцид за да не се повтори

ДТЗ
17 април 2024

Шефот на македонската дипломатија е изненаден од реакциите по објавата дека Северна Македонија е меѓу 17 држави кои ја коспонзорираа Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница

https://p.dw.com/p/4et2a
Бујар Османи
Должност ни е да осудиме геноцид, со цел никогаш да не се повтори, вели Бујар ОсманиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Осудата и сеќавањето на меѓународно признатиот геноцид во Сребреница е човечка должност. Северна Македонија одлучи не само да ја поддржи, туку и да ја коспонзорира резолуцијата на Обединетите Нации за сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, изјави шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, по лавината реакции во Србија на одлуката на Македонија да биде еден од коспонзорите на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница.

Критики

Османи, кој, учествуваше на отворена дискусија на оваа тема, рече дека е изненаден од дел од реакциите, коишто смета дека се поттикнати од одредени политички партии.

„Осуда на геноцид е универзална човекова должност и тоа не е поврзана со која било припадност. Во 2010 година нашето Собрание има донесено одлука по однос на Сребреница, прифаќајќи ја резолуцијата од Европскиот парламент. Значи како држава никогаш не сме имале дилема по однос на тоа што се случило во Сребреница, кога во еден ден се убиени 8.372 цивили и тоа не може да се нарече поинаку“, вели тој.

Според Османи, најголемите критики во текот на вчерашниот ден биле дека ова е обид за нарушување на односите со Србија. „Напротив, оваа не е поврзано со Србија, не е поврзано со српскиот народ, бидејќи осудувањето на геноцидот надминува какви било дипломатски врски и односи меѓу двете држави и народи. Човечка должност ни е да осудиме, да ги промовираме фактите, со цел тоа никогаш да не се случи”, вели Османи.

Gодишнина од геноцидот во Сребреница
Одбележување на годишнина од геноцидот во Сребреница - Белград, 10.07.2020 годинаФотографија: DW/U. Sabljakovic

Зајакнување на довербата

На дискусијата, со видео-обраќање учествуваше и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, кој упати благодарност до Северна Македонија за конспонзорирањето на резолуцијата, убеден дека прогласувањето на 11 јули за меморијален ден значително ќе придонесе за мирот и безбедноста на регионот и ќе ја зајакне вербата во институциите на Обединетите нации, што според него, на светот му е потребно.

„Дозволете ми да ве потсетам на геноцидот извршен во јули 1995 година во заштитената безбедна зона на Обединетите нации, Сребреница, брутално беа убиени повеќе од 8.000 момчиња и мажи, 1.000 беа насилно раселени, цели семејства беа уништени, а нивните домови беа опустошени. Бројни сторители беа изведени пред правдата, а најстрашното злосторство, систематското убивање на бошњачкото население во заштитената зона на Сребреница, беше законски признато како геноцид од страна на Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија. И никогаш не смее да биде предмет на различни толкувања. Ова го препознаа одговорните луѓе кои спроведуваат одговорни политики во Северна Македонија”, истакна Конаковиќ.

Коспонзорирањето значи дека земјата е дел од иницијативата, предложена од Босна и Херцеговина, и со другите земји коспонзори учествува во составувањето на текстот на резолуцијата. Таа ќе биде претставена пред Генералното собрание на Обединетите нации пред гласањето на 2 мај.