1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од драма во драма – дали Алијансата избра да биде жртва?

10 февруари 2024

Сега изгледа дека најголем губитник во сите случувања ќе биде самата партија Алијанса за Албанците, а посредно нејзините гласачи. Зошто се случува ова засега не е доволно јасно. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/4cFOb
Од партиски пријатели до ривали: Зијадин Села и Арбен Таравари во фокусот на внатрепартискиот спор на Алијанса за Албанците
Од партиски пријатели до ривали: Зијадин Села и Арбен Таравари во фокусот на внатрепартискиот спор на Алијанса за АлбанцитеФотографија: DW/P. Stojanovski

Изборите се ближат, па еден мал и брз квиз. Има четири одговори, а не прашања. Оценете кој ви се чини најсоодветен, или најреален. А може и да не ви се допадне ниеден.

Многу работи се познати кај политичките актери во френетичното загревање за изборната кампања. Сега еден момент изгледа најмистериозен – што ќе прави ВМРО-ДПМНЕ доколку победи и доколку успее да формира влада со преговарачката рамка и натамошниот пат кон ЕУ на Македонија.

Одговор број 1: Христијан Мицкоски во интервју за ТВ 24.

„ВМРО-ДПМНЕ е подготвена по формирањето на новата влада да седне со властите во Софија и да разговара да видиме - доколку има желба од таа страна - како ќе излеземе од оваа мртва состојба во којашто оваа влада и авантурите на (Бујар) Османи, на (Димитар) Ковачевски и (Стево) Пендаровски ја доведоа Македонија во евроинтегративниот процес“.

Одговор број 2: Антонио Милошоски во изјава за „Независен“.

„Не е идејата да одиме на меѓународна арбитража (како Словенија и Хрватска). Бугарија е второстепен актер во спорот. Првостепени се Франција, Германија, Холандија, Данска и други земји од кои ќе побараме да ни дадат предлог календар кога се подготвени за нова членка на ЕУ. Бидејќи сега ќе ги почнеш преговорите за членство, а не знаеш кога ќе ги завршиш“.

Одговор број 3: Антонио Милошоски во интервју за „Слободен печат“.

„Во 2019 година нас нè блокираше Франција, каде и тогаш и денес претседател е човек што припаѓа на европските либерали. И, за жал, тој потег и тогаш и денес го ценам како недостиг на визија за Европа за целиот европски континент... Изјавите од ЕУ дека не е можна промена на преговарачката рамка не го гледам како библиски став.

Залагањата на ВМРО-ДПМНЕ, или на идната влада по изборите, ќе бидат сериозен тест не само за Македонија, туку и за ЕУ во целина, и за Бугарија како сосед. Тоа би го именувал како дипломатски напор што треба да се движи во рамките на еден интегративен патриотизам“.

Одговор број 4: Тимчо Муцунски во разговор за „Плусинфо“.

„Западниот Балкан ќе биде еден пакет од гледна точка на пристапување кон ЕУ. Во овој момент, Србија, Црна Гора и Албанија се сметаат за првиот пакет, додека во вториот пакет се Косово и Босна и Херцеговина. Неизвесно е каде е Македонија. Сметам дека Западниот Балкан ќе биде апсорбиран од страна на ЕУ во еден пакет, без оглед што земјите се борат со своите индивидуални достигнувања. Доколку сме проактивни и ако го искористиме геополитичкиот контекст којшто ни оди во полза, можеме нешто да добиеме“. 

Што ќе прави ВМРО-ДПМНЕ со преговарачката рамка и натамошниот пат кон ЕУ на Македонија, доколку победи на изборите на 8 мај и доколку успее да формира влада
Што ќе прави ВМРО-ДПМНЕ со преговарачката рамка и натамошниот пат кон ЕУ на Македонија, доколку победи на изборите на 8 мај и доколку успее да формира влада Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Можеби мислите дека нема никаква разлика во овие ставови, а можеби проценувате дека тие се навистина различни. Не е ништо страшно луѓето во врвот на една партија да имаат различни или поинаку проспектирани ставови за една многу важна ситуација во која се наоѓа Македонија. Можеби ВМРО-ДПМНЕ е во потрага по вистинската стратегија која ќе треба да ја напише во предизборната програма. Па затоа, лидерот на партијата вели дека откако тој ќе ја формирал новата влада е подготвен да седне со бугарските власти за да разговара како да се излезе од „мртвата состојба“. Дипломатскиот гуру во партијата, Милошоски, пак, мисли дека како решение за блокадата од Бугарија неговата партија ќе понуди „европски модел, по примерот на Словенија и Хрватска“. Треба да се помести решавањето на спорот со моментот на ратификување  на приемот на Македонија во ЕУ, како во хрватско-словенечкиот случај, вели Милошоски. Истото она што го бараше македонската влада при конципирањето на преговарачката рамка, а земјите-членки на ЕУ го одбија тоа.

Од другата страна на политичкиот спектар изгледа дека нема потреба од ваков квиз. Затоа што би било нелогично за партијата која учествуваше во калибрирањето на преговарачката рамка, а досегашниот премиер точките од неа ги брани како услови кои се најмалку проблематични. Па се претпоставува дека во изборната програма нема да има ништо што не е јасно од досегашните ставови. Но кој би можел да тврди со сигурност.

Херои и жртви

Тоа е околу квизот. Сега за она што ја прекри целата политичка сцена во Македонија. Драмата во Алијансата за Албанците. И политичките хиени што се појавија од саваната и мршојадците што гледаат како да го довршат она што другите ќе го распарчат.

Нема никаква дилема дека во оваа драма нема „херои“, туку има една главна жртва – самата партија Алијанса за Албанците, а посредно нејзините гласачи, кои толку многу веруваа дека на овие избори може да се направи клучниот пресврт во детронизирањето на ДУИ. Неверојатна мечешка услуга на Арбен Таравари и министерскиот двоец им направија вмровските функционери, а и пратениците за време на вчерашната расправа во парламентот кога внимателно го глорифицираа ова крило во АА. А само до пред десетина дена Таравари беше „тотемот“ кој се исмеваше, се потценуваше, се навредуваше дека ја предал опозициската кауза, дека влегол во челуста на ѕверот само поради необјасниви интереси. Сега тој да ти бил пленот кој самоволно влетал во смртната игра, а не требало да го направи тоа.

Арбен Таравари на собирот на неговиот дел од Алијансата се обиде да ги амортизира впечатоците што се наметнуваат: „Со целосна одговорност велиме дека нема да станеме дел од влада која не би ги направила уставните измени и која не прифаќа почеток на преговорите со ЕУ“, рече Таравари. 

Лидерот на АА, Арбен Таравари (архивска фотографија)
Лидерот на АА, Арбен Таравари (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Но дали е тоа доволно? Без оглед што ќе се случи на денешното Централно собрание на АА во Скопје, дали Зијадин Села ќе собере мнозинство од неговите членови за да го поддржат претходно усвоениот став партијата да излезе самостојно на изборите, работите немаат светла перспектива за Алијансата за Албанците.

Како би изглегле на изборите: Едно од крилата ќе може со печатот на АА да ги пријави до ДИК кандидатите за пратеници, другите можеби ќе бидат претставени како независни листи. Донтовиот количник, со голема веројатност, ќе ги претвори во прашина надежите и Алијансата треба да ја очекува судбината на Беса по изборите во 2016 година кога успеа да го уништи неверојатниот резултат и да се атомизира.

Непозната територија

Многумина ќе кажат дека после овој сегашен раскол во АА работите во албанскиот блок одат на непозната територија. Овие денови изгледа дека од расколот ДУИ ќе извлече најголема корист. Но работите се менуваат толку брзо што една прогноза пред десетина дена не мора да значи дека ќе се оствари за две недели. А уште повеќе на денот на изборите. ДУИ најпосле може да биде подјадена. Според проекциите на Таравари, приклучувањето на Алијансата на тројниот блок од „Европскиот сојуз за промени“ треба да донесе додадена вредност за оваа четирчлена група конечно да ја победи ДУИ. Кој може сега да знае колку од гласачите на Алијансата ќе останат дома, ќе гласаат за некој друг или ќе гласаат за крилото на Села.

Никој со сигурност не можа да каже што го натера Арбен Таравари неколку дена по изгласувањето на техничката влада да објави дека Алијансата ќе оди на изборите со опозицијата. Дали тригерот беше средбата на опозициската тројка плус Таравари со косовскиот премиер Албин Курти, кој чекор по чекор се обидува да ја гради улогата на регионален лидер на Албанците. И дека пиемонт на албанскиот свет треба да биде Приштина, а не Тирана. Дали Таравари уште не може да заборави и да им прости на трупите на ДУИ што сѐ правеа на двата избори за градоначалник на Гостивар тој да не успее. А тој сепак успеа и го победи ДУИ. Тој го победи ДУИ во Гостивар, но прашање е дали ќе го победи другото крило во сопствената партија.

Косовскиот премиер Албин Курти се обидува да ја гради улогата на регионален лидер на Албанците.
Косовскиот премиер Албин Курти се обидува да ја гради улогата на регионален лидер на Албанците. Фотографија: Armend Nimani/AFP

Надвор од жестоките обвинувања на двајцата министри против ДУИ и особено кон вицепремиерот Артан Груби, интегративците забележително молчат. Тоа е многу јасно – што и да кажат ќе биде против самите себеси. Талат Џафери, во основа, е во право: двајца министри кои изјавуваат дека го поддржуваат нивниот претседател дека на изборите ќе одат со опозицијата, ја прави ситуацијата дијаболична. За двајцата пржински опозициски вмровски министри тоа е законски овозможено. Алијансата е дел од владината структура од пред 11 месеци. Тогаш, што се тие двајца министри од Алијансата – уште еден опозициски блок во владата?

Тоа изгледа франкенштајнски, како што е франкештајнска самата пржинска влада, иако, според досегашното искуство, нејзината работа беше корисна. Тоа е дел од големата нервоза што ги има зафатено сите политички актери пред изборите. Што му требаше, на пример, на министерот за здравство, пред една недела да ја разрешува директорката на Клиниката за инфективни болести со смешен изговор и да постави директор од неговата партија. Зошто кај него надвладеа партиското наместо она со коешто сега се фали.

Можете да ги гледате анкетите, да верувате или да не врувате во нив, но според однесувањето на актерите изгледа дека ништо не е сигурно пред овие извонредно возбудливи избори. Се чини како никогаш досега. Тоа е магијата на демократијата.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар