1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаМолдавија

Молдавија: Пристапните преговори со ЕУ и руската пропаганда

Витали Калугареану | Роберт Шварц
22 април 2023

Европскиот парламент сака да ги забрза преговорите со Република Молдавија за нејзино пристапување кон Унијата. Проруските сили се противат на ова и се обидуваат да ја спречат Молдавија да се приближи до Брисел.

https://p.dw.com/p/4QPIu
Грбот на Молдавија врз знамето на Европската унија
Грбот на Молдавија врз знамето на Европската унијаФотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Европскиот парламент се изјасни за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ со Република Молдавија годинава. Сепак, земјата мора да преземе неопходни чекори за да го стори тоа, беше речено во средата (19.04.) во Стразбур. Членството на Молдавија во ЕУ е геостратешка инвестиција за обединета и силна Европа, велат европратениците. Уште во јуни 2022 година, ЕУ препорача кандидатски статус на Република Молдавија и на Украина која беше нападната од Русија.

По почетокот на руската војна против Украина (24 февруари 2022 година), проевропската влада во Молдавија постојано ја обвинуваше Москва и проруските сили за намерна дестабилизација на земјата. Неодамна се случи и инцидент на онлајн сервисот на Дојче веле (ДВ) на романски јазик.

ДВ блокираше рекламни банери

На почетокот на неделата, ДВ објави текст на романски јазик за новите обиди на Русија да ја дестабилизира ситуацијата во Молдавија. Видлив само за корисниците на услугите на ДВ во Молдавија (официјален јазик е романскиот), во написот се појави рекламен банер со повик на демонстрации во главниот град Кишињев на 7 мај 2023 година, со слоганот „Да ги собориме крадците во владата!“. УРЛ-врската водеше до страницата на опозициската проруска партија Сор на Фејсбук. Рекламата веќе неколку дена се појавува и на неколку молдавски веб-страници преку Гугл Адс.

Пропаганден повик од партијата Сор на протест против проевропската влада на Република Молдавија - рекламен банер во текст на вебстраницата на ДВ (скриншот)
Пропаганден повик од партијата Сор на протест против проевропската влада на Република Молдавија - рекламен банер во текст на вебстраницата на ДВ (скриншот)Фотографија: DW

Пропагандниот повик „да се спаси земјата од крадците“ доаѓа од политичко-олигархиска група чиј лидер е Илан Сор, кој минатата недела конечно беше осуден на 15 години затвор и конфискација на неговиот имот во вредност од 2,5 милиони евра. Бегалецот олигарх, за кого се верува дека е во Израел, беше прогласен за виновен за измама и перење пари во големи размери. Тој е главниот лик во озлогласениот „грабеж на банка“ од околу една милијарда евра во 2014 година.

Сор, кој има молдавско и израелско државјанство, побегна од Молдавија во јуни 2019 година - во исто време со еден друг олигарх, Владимир Плахотниуч. Тој со години ја држеше државата под контрола со широката мрежа на корупција преку Демократската партија што ја водеше. И Плахотниук и Сор се барани со меѓународни потерници и се на списокот со санкции на САД и на Велика Британија. ЕУ во моментов ги разгледува можните санкции против пребеганите молдавски проруски олигарси во врска со обидите на Русија да ја дестабилизира Молдавија.

Партијата Сор ги засили своите напади против проевропската влада во Кишињев, заедно со Русија, уште од раните денови на руската војна во Украина. Молдавската прозападна претседателка Маја Санду и нејзиниот украински колега Володимир Зеленски во неколку наврати посочија дека Молдавија е наредната цел на Русија доколку Украина биде победена.

Досега, Русија на секој чекор преземен од Кишињев за интеграција во ЕУ одговараше со закани, пропаганда, лаги и заплашувања. Партијата на Сор стануваше сè погласна кога големите судења за корупција се ближеа кон крајот и влијанието на пребеганите олигарси врз молдавскиот судски систем опаѓаше.

Протеран руски дипломат

Во средата (19 април), еден дипломат во Амбасадата на Руската Федерација во молдавскиот главен град Кишињев беше прогласен за персона нон грата и беше побарано да ја напушти земјата. Инцидентот е поврзан со обидот на една руска делегација, предводена од гувернерот на регионот Татарстан, Рустам Миниханов, да учествува на настан за изборна кампања во автономната област Гагаузија во Република Молдавија. Таму на 30 април ќе се одржат избори за регионален гувернер (Башкан).

Гагаузија е официјално автономен регион во Република Молдавија од 1994 година. Регионот на југот на земјата има посебни права и своја влада. Жителите припаѓаат на турско јазична, христијанско-православна етничка група. Повеќето од нив денес зборуваат руски. Актуелен гувернер е Ирина Влах.

Во понеделникот (17 април) Миниханов беше спречен во обидот да влезе во Република Молдавија. Тој и неговата делегација добија забрана од молдавската гранична полиција да го напуштат неговиот приватен авион, кој слета на аеродромот во Кишињев. Гувернерот на Татарстан е поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин, а заедно со членовите на неговото семејство е на листата на санкции што ги воведе Западот.

Карта на Република Молдавија со сепаратистичките региони Гагаузија и Транснистрија
Карта на Република Молдавија со сепаратистичките региони Гагаузија и Транснистрија

Од првиот ден на војната во Украина, молдавските власти воведоа многу построги гранични контроли од порано. Поради новиот граничен режим, во изминатата година околу 9.000 луѓе беа спречени да се обидат да влезат во Молдавија. „Знаеме какви се намерите на Руската Федерација во врска со дестабилизацијата на Молдавија. Ние сме будни и сакаме да им кажеме на граѓаните дека знаеме што мора да направиме за да ја гарантираме безбедноста на нашата земја“, вели шефот на молдавската гранична полиција. , Росиан Василои.

„Прозорец“ кон Москва

Автономниот регион Гагаузија има репутација на „буре барут“, односно на регион кој е подготвен буквално да експлодира по наредба од Москва. Сепаратистичките движења кои ја „распарчија“ Република Молдавија на два дела на почетокот на 1990-тите почнаа да се шират токму од Гагаузија. Со цел да се спречи обединувањето на Молдавија со Романија, на 17 август 1990 година, во Комрат, во рамките на Советскиот Сојуз, неуставно беше прогласена „Автономна Република Гагаузија“, која во тоа време формално сè уште постоеше. Следеа судири меѓу силите кои го штитеа Уставот на Република Молдавија и оние кои беа на страната на „Автономната Република Гагаузија“. Конфликтот траеше до 1994 година, кога парламентот во Кишињев усвои закон за посебен статус на автономија на Гагаузите. Тој закон, меѓу другото, дефинираше дека гагаускиот, романскиот и рускиот имаат статус на официјални јазици во тој регион.

Иако не е сепаратистичка енклава како Транснистрија, овој регион има свој гувернер, свој парламент и своја извршна власт. Гагаузија не ги префрла приходите од даноци и други давачки во централниот државен буџет на Република Молдавија, но како и секоја друга територијално-административна единица, добива парични трансфери од владата во Кишињев.

Граница со автономниот регион Гагаузија во Република Молдавија
Граница со автономниот регион Гагаузија во Република МолдавијаФотографија: DW/Y. Semionova

Комплицирана историја

Гагаузите потекнуваат од источна Бугарија, и на почетокот на 19 век се населиле во регионот на Бесарабија, денешна Република Молдавија. За време на владеењето на руските императори, а подоцна и за време на Советскиот Сојуз, Гагаузите биле изложени на силни напори за нивно русифицирање. По распадот на Советскиот Сојуз, Русија продолжи да врши влијание врз Гагаузите преку пропаганда и со помош на лојални политичари во таа земја.

Иако ЕУ, Романија и САД обезбедуваат значителни финансиски средства за Република Молдавија, а со тоа и за регионот Гагаузија, 98% од жителите на Гагаузија сè уште ги поддржуваат проруските партии на изборите.

Според резултатите од последниот попис на населението во 2014 година, во овој регион живеат 135.000 жители. Осумтте кандидати кои се натпреваруваат за позицијата гувернер на изборите на 30 април всушност не се натпреваруваат меѓу себе - тие ја засноваат својата кампања на ширење на непријателството на Гагаузите против проевропската влада во Кишињев. Парадоксално, во меѓувреме, 45% од стоката произведена во Гагаузија се извезува во земјите на ЕУ, а 55% во Заедницата на независни држави, односно во поранешните советски републики. За споредба: пред десет години целиот извоз од Гагаузија одеше на пазарот на поранешните советски републики.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи