1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски ја повика ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи патот кон ЕУ

ДТЗ
19 мај 2023

Премиерот Димитар Ковачевски не размислува за оставка доколку не се спроведат уставните измени до ноември. Вели дека мандатот на Владата не е поврзан со уставните измени.

https://p.dw.com/p/4Ra5j
Димитар Ковачевски премиер
Ковачевски ја повика опозицијата да го поддржи патот кон ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Северна Македонија ќе оди напред. Полноправното членство во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но достижна цел за државата. Владината коалиција е стабилна и силно обединета и ќе ја оствари таа цел, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски по средбата со лидерите од владината коалиција во Клубот на пратеници во Скопје. 

Неодамнешната посета на Ковачевски на САД, американската  поддршка за европскиот пат на земјата, како и реформите коишто се неопходни за влез во Унијата, се главните теми на коишто разговарале владините коалициони партнери. Иако дел од помалите партии во изминатиот период изразија незадоволство и најавија можност да ја напуштат коалицијата, премиерот вели дека веќе остварил средби со нив, а разговорите ќе продолжат и понатаму за да им се излезе во пресрет на нивните барања. Најважно, според Ковачевски е што сите се обединети околу европската агенда. Тој упати порака до опозицијата дека времето истекува и оти ќе мора да изберат по кој пат ќе одат. 

„Опозицијата не треба на мене да ми даде поддршка. Треба да ја поддржи европската иднина на нашите граѓани. Тие сакаат да живеат во ЕУ, но тука  дома, во земја членка на Унијата“, вели Ковачевски, критикувајќи го односот на ВМРО-ДПМНЕ кон стратешките прашања и одлуки во државата, откако партијата одби да се вклучи и во работната група за подготвување на уставните амандмани. 

„Повикувам на отвореност и политичка одговорност. Ги повикувам сите партии и општествени чинители да се приклучат кон остварувањето на стратешките цели на државата. Заедно да ги донесеме одлуките и заедно да ја обезбедиме европската иднина. Заедно да дадеме глас за Европа, за македонската европска иднина. бидејќи немаме време за губење“, изјави Ковачевски. 

Продолжувањето на европскиот пат, според него,  е историска шанса која не е сигурен дека земјата ќе ја добие повторно. „Тоа е шанса што треба да се искористи сега и веднаш“, рече Ковачевски. Затоа, додава тој, опозицијата која ја блокира земјата на европскиот пат, ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи на проевропскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица.

„Многу брзо ќе треба да одлучат дали ќе го фатат последниот воз и ќе се приклучат на проевропскиот блок кој неминовно оди и носи одлуки за приклучување на Македонија во ЕУ“, дециден е премиерот. 

Протести во Скопје 2021 година
Опозицијата која ја блокира земјата на европскиот пат, ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи на проевропскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица, вели Ковачевски.Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

„Не размислувам за оставка“ 

Премиерот Димитар Ковачевски не размислува за оставка доколку не се спроведат уставните измени до ноември, процес за кој засега ја немаат поддршката на опозицијата. 

„Не размислувам за поставка. бидејќи Владата има свои ингеренции во однос на управување со државата. Обврска за уставни измени е двотретинско мнозинство. Таа обврска ја имаат сите, не само Владата, туку и сите политички чинители и на секој пратеник да донесе одлука за иднината на граѓаните, бидејќи тие сакаат и заслужуваат европска иднина. Мандатот на Владата не е поврзан со гласањето на уставните измени“, вели Ковачевски. 

Ветинг и една изборна единица 

Премиерот одговарајќи на прашање за тоа колку е стабилна коалицијата, посочи дека во областа на реформите во правосудството се договориле во рамки на Комисијата за политички систем при Собранието да се отвори расправа и да се формира група која ќе работи на изработка на законско решение за ветинг. Исто така е договорено дискусијата за законските предлози за една изборна единица да се води во рамки на Собранието и да бидат земени предвид сите аспекти на политичките партии.

За законските предлози за една изборна единица се договориле дека дискусијата треба да се води во рамки на Собранието .„Во рамки и на коалицијата и на опозицијата има различни мислења по однос на Изборниот законик. СДСМ е партија која во својата програма има поддршка за една изборна единица, но во рамки на Собранието ќе се расправа за модалитетите во однос на тоа дали треба да има изборен праг, не треба да има, застапеност на етнички заедници, родова застапеност на изборните листи, ќе се води во рамки на дискусијата“, рече Ковачевски.

Собрание
Премиерот најавува дискусии во рамки на Собранието за ветинг и една изборна единицаФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

На средбата присуствуваа лидерите на ДУИ Али Ахмети, ЛДП, Моника Зајкова, на ДОМ, Маја Морачанин, потпретседателката на Алијанса за Албанците, Бујаре Абази, како и Стојанче Ангелов од „Достоинство“, Мендух Тачи од ДПА и Љупчо Балковски од ВМРО-Народна.

Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова пред средбата повика на разум и проактивност кај сите политички партии во државата со цел земјата да продолжи кон евроинтегративниот пат. „Сите имаме свои политички програми и заложби што треба да ги оствариме за граѓаните да живеат подобро, меѓутоа сега на сите треба да ни е поважно како понатаму ќе го продолжиме процесот на евроинтеграција. Затоа сметам дека не е време за условување или калкулации. Но, да повикаме на единство и разум, сите заедно да продолжиме да ја движиме државата напред“ изјави Зајкова. 

„Нема можност да се разгледува формулацијата 20 отсто“ 

Работната група за подготвување на предлог-иницијативата за потребата од уставни измени со кои Бугарите и другите народи треба да бидат вметнати во највисокиот правен акт на државата, на денешната седница во Владата едногласно го усвои Деловникот за работа. Претседателката Маргарита Цаца-Николовска ја отфрли можноста работната група да расправа за други интервенции во Уставот, пред се оние кои се однесуваат на јазиците на другите етнички групи и на формулацијата „20 проценти“, односно таа да се замени со „албански јазик“, што е барање на дел од албанските политички партии.