1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори 2024: Западни тајкуни против источни олигарси

14 март 2024

Доволен е еден површен поглед врз конкретните имиња на кандидатите од сите партии, за да се увиди епохалната измама која СДСМ, ВМРО и ДУИ ни ја подметнуваат како некаков „избор”. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4dUak
Македонија избори
Најстариот трик во секој политички учебник е оној за подметнување стари играчи во нови униформи.Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Се сеќавате ли на Драган Тевдовски и Рилинд Кабаши? Ако не, ќе ве потсетам подоцна за овие битни и важни имиња во денешна Северна Македонија на предизборието. Но најпрво, за старо-младите понуди кои ни се нудат како промена или надеж на изборите.

Најстариот трик во секој политички учебник е оној за подметнување стари играчи во нови униформи. Докажано евтин и едноставен, докажано успешен ем ефективен, овој трик е денес масовно манифестиран во нашето предизборие. Видлив за секого, премолчан од сите засегнати во процесот на менување дресови. Бидејќи, нели, ништо не е поневидливо од она што мозокот (или т.н. јавност) не сака да го види при здрави очи.

За овие триесет години независна парламентарна демократија, никогаш не сме имале покукавичка (пред)изборна постава која со секој обид да изглуми храброст и бунтовност, само си ја разоткрива провидноста и слабоста. Бидејќи, да не се лажеме, среде сите обиди за џапање поени на етнички теми, идеолошки разлики, геостратешки ориентации, заедничкиот именител на сите претседателско-парламентски кандидати е кукавичлукот да се справат со опасните теми на вистинската моќ на финансиите, банкарството, тајкуните и олигархијата. Но за таа интересна дихотомија помеѓу новата природа на политичарот и новата улога на олигархот, во некоја следна прилика. Засега, да се осврнеме на трендовите кои го одбележуваат ова предизборие. 

Партиски кнежевства 

Најинтересниот тренд се одвива во македонскиот кампус, кој полека, почетно, дискретно се опфаќа со веќе етаблираниот феномен во албанскиот кампус. А тоа е процесот на создавање партиски кнежевства по терк на албанските principatа, во кое секое гратче си има своја партија. Мозокот, оној од федералниот север, кој имаше интерес во разбивање на кохезијата на албанската политика, сега поради новонастанатите околности се чини дека преку Максими, Данели, Оливери, Заеви, Апасиеви, итн. ја форсира идејата на „секое гратче, Војводина” на некој Војвода или Кнез, претежно низ Источна Македонија. Смислата на таа стратегија не е диктирана од локалпатриотизмот, колку од потребата на надворешните – северни – фактори во неможност да ја одржат досегашната утилитарна кохезија создадена според нивен интерес, барем да си обезбедат доволен број Кнезови и Кнежевства кои ќе ги застапуваат нивните или барем спречуваат ривалските интереси.

Доколку би суделе според партиските формации или униформи, за очекување е дека формалните победници на следните избори ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Но доколку би суделе според кандидатите, т.е. ликовите под униформите, несомнено е дека апсолутни победници веќе однапред се СДСМ и ДУИ. Доволен е еден површен поглед врз конкретните имиња на кандидатите од сите партии, за да се увиди епохалната измама која СДСМ, ВМРО и ДУИ ни ја подметнуваат како некаков „избор”.

Повелете, пресметајте колку вистински ВМРО-вци има на листите на ВМРО? Има ли нов лик кај ДУИ? Колку не-ДУИ ликови ќе најдете на листите на ВЛЕН? Има ли партија и листа во која кремот не е составен од чат стари, чат понови сдсмовци и дуисти? Ептен тешко. Дајте полесно прашање, како на пример: на колку прсти од левата раката ќе изброите асли-конзервативни кандидати под знакот на ВМРО-ДПМНЕ? Како се случи таквата измама да ни се протне пред очи? За да се разбере, треба да се разберат трите клучни динамики во ова предизборие. 

Предизборни динамики 

Првото е секако очајничкиот обид на ДУИ да преку присвојување на прозападната агенда барем делумно се очистат од тешкото бреме на шурување со происточни српско-руски актери во владите Заев-Ковачевски. Но дамката на Миодраг Давидовиќ Дака, очигледно тешко се пере, доколку судиме според мошне интересниот (и од нашата јавност скриениот) извештај на Комисијата на поранешни амбасадори на САД од посетите во Албанија, Косово и Македонија. Во тој Извештај има интересни констатации, како на пример онаа дека „многумина во политичката елита на С. Македонија го обожуваат претседателот Вучиќ, што овозможи наплив на проруски медиуми и засилено влијание на Руската православна црква во Македонија”. Интересно во тој извештај е што сетики и Али Ахмети може да се смета како дел од „обожавателите на Вучиќ”, па сходно на тоа и носи заслуги за последиците наведени од амбасадорите на САД. Кои пак, индикативно, не најдоа за сходно при посетата да се сретнат со логично клучниот соговорник, министерот за надворешни работи и кандидатот претседателски, Бујар Османи. Јасно? Па, јасно. 

Вториот индикативен момент е  стратегијата на албанската опозиција  ВЛЕН која барем досега се има сведено буквално на десет букви: Артан Груби. Колку и да е заслужена и успешна кампањата против тој крајно негативен и деструктивен лик. вревата околу Груби ја отсликува персоналната кавга како супститут за немање судир на концепти и принципи помеѓу ВЛЕН и ДУИ. Гола вода, би рекле скопјани. Бидејќи, да имаше трошка принципиелност, таа пизма против Груби ќе се надоврзеше и кон други ликови од ДУИ, како Муса Џафери или Садула Дураку. Но интересно, слично на Христијан Мицкоски, и Изет Меџити е безрезервно настрвен кон Груби, но симптоматично  хипер-внимателен кон Али Ахмети.  Зошто? 

Причината треба да ја побараме кај ставот на Арбен Таравари кон ВЛЕН. Ај што требаа со мотики и лопати да го принудат да се приклони кон опозицијата во минута пред полноќ, ај што за четири години направи повеќе салта отколку просечна жаба во Вардар. Ај што бесрамно се самопрогласи за опозициски лидер, дотичниот  Таравари, кандидат за претседател, уште не си ја испра раката од бесата со ВЛЕН, веќе најави дека всушност неговото дружење со Изет, Африм, Билал да ти било до избори, а потоа – секој на свој пат. 

Но тоа не е вџашувашкиот момент. Мислам, од Таравари се очекува сѐ, а најмногу превртливост. Вџашувачкото е всушност молкот на Изет, Билал, Африм кои ни сепаратно, ни заедно не се осмелија барем да го запрашаат градоначачникот гостиварски која му е поентата и замислата поради која сега секој гласач е ставен пред дилема: како да ве гласам кога ни сами не знаете дали сте со сите, буквално? Тој молк, а не кариеристичките егоизми на Таравари, се манифестацијата на слабоста на ВЛЕН. Бидејќи, да не се лажеме, изјавата на Таравари е скриена порака до ДУИ дека ВЛЕН вреди само за гласови. За потоа повторно да се вратат во дружбата со Ахмети. Но без веќе неизлечиво компромитираните Зијадин Села и Кренар Лога кои и не заслужуваат подобро. 

Третата и најбитна индикативна измама на ова предизборие, можете да ја слушнете со сопствени уши катадневно, низ секоја галама-дебата на било кој сдсмовски вмровец на Мицкоски. Клучниот елемент на таа измама се базира на хистерично верглање и децибелско високо-тонско  форсирање на „неприфатливоста на скандалозниот француски предлог”. Низ кое всушност премолчано, странично, задкулисно, подземно, хокуспокусно се одвива подготовката за  прифаќање на Договорот Заев-Борисов, од страна на ВМРО, ама демек „не онака како СДС”.  Слично на  паролаштвото „никогаш Северна секогаш Македонија”со нов (северен или бугарски) пасош во џеб, стратегијата на Мицкоски е да се експлоатира антизападниот етно-македонски гнев, поттурајќи ја под нос насловната на Францускиот предлог, за да полесно се изведе прифаќањето на десетината листа на Договорот Заев-Борисов. И тоа дури и би можело да се прифати како итра стратегија која ги задоволува сите страни. Но доколку судиме според последните изјави на Илијана Јотова, се чини дека Софија има поинакво гледање на нештата. Особено од аспект на можните белградски инспирации во составувањето на стратегија на сдсмизираната вмровштина.

На овие избори нема натпревар, нема спротивставување, нема борба бидејќи нема верници во било што освен личниот и клановскиот интерес. Има само голема вревлива кавга помеѓу стари соперници со  взаемно вперени досиеја. И премолчана согласност да се спречи било каков, некаков, боже сочувај! нов лик кој со свежина и знаење ќе фрли дискредитирачки контраст кон баналното рециклирање кое го нудат старите кадри на статус-квото раштркани низ сите партии. Некој во тоа сака да препознае триумфално враќање на ВМРО-ДПМНЕ. Оние со посилна диоптрија, препознаваат дека се враќаат старите кадри на Груевски, Црвенковски, Ахмети од времето на Ладата и предвечерието на „бомбите”. И токму тоа ја дефинира битноста на заборавените Драган Тевдовски и Рилинд Кабаши.

Некој би помислил дека токму таа Бранко-Грујо-Али тротактна скаламерија под хаубата на власта и опозицијата е шанса ова СДСМ да го искористи низ разоткривање на пактот помеѓу западната демохристијанска олиграхија и источната комунистичка олигархија која ги контролира двете лица на едномисленоста. Да, тоа ќе беше сосема изводливо и со реални шанси за изборен профит. Но е сепак неизводливо. Бидејќи СДСМ одамна направи избор и однапред ја запечати сопствената губитничка иднина во часот кога со невидена леснотија ги избрка надежните Тевдовски и Кабаши во економијата и се определи за средношколски интелектуалци и популарни мангупи низ партиски седенки и презрени од гласачите. 

Не велам дека Тевдовски или Кабаши би обезбедиле победа. Туку дека како појави би се наметнале како пример и доказ дека вистинските промени и победи секогаш доаѓаат од општеството на слободни индивидуи и никогаш од партиски јасли на умислени, празноглави партиски Бане Бумбари од рефренот на Балашевиќ. И сѐ додека било која партија не е спремна да поддржи и наметне ликови како овие двајца економисти избркани од Македонија, бидете убедени дека и СДСМ, и ВМРО, и ДУИ, и ВЛЕН бесрамно лажат штом зинат со усти полни ветувања за промени, вредности, борби против корупции, евроинтеграции, повисоки плати и пред сѐ ем над сѐ – за достоинството, гордоста и добробит на Македонците и Албанците. 

Белким затоа американските амбасадори својот извештај за предизборна Македонија го заклучуваат со интересна прогнозна забелешка: „Ќе видиме во мај дали очекуваната победа на ВМРО е преоптимистична”. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи