1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мастер дебати нема, има предлог за „реален дуел“

10 април 2024

Пендаровски фрли ракавица - „предлагам да излезам на дуел со Христијан Мицкоски, бидејќи очигледно тој е кандидат за претседател, госпоѓата Сиљановска не ја гледаме каде е“.

https://p.dw.com/p/4ebQj
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа го повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на јавно телевизиско соочување.
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа го повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на јавно телевизиско соочување.Фотографија: Boris Georgievski/DW

Стево се плаши од дуел сам со себе, а камо ли од дуел со професорката Сиљановска Давкова, порача од завчерашниот митинг во Битола, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На синоќешниот митинг во Делчево, кога кандидатот за претседател на претстојните избори, Стево Пендаровски беше прашан дали и кога ќе се одржат најавените дебати, одговори зошто досега не е договорна ниту една, но и со кого тој би излегол на дуел.

„До овој момент не е договорена ни една дебата, затоа што другата страна се мислеше дали да се нафати. Јас бев првиот од седумте кандидати кој уште пред 20 дена предложи т.н. мастер дебата. Сите седуммина пред сите телевизии да имаме најмалку две соочувања пред првиот круг, и тие што ќе поминат во вториот круг - уште една потоа. Меѓутоа, од страна на најголемата опозициска партија прво бевме одбиени, бидејќи побараа двајца од кандидатите да не учествуваат, една кандидатка и еден друг кандидат. После се пишманија, меѓутоа потоа три од најголемите телевизии, најгледани телевизии во Македонија се откажаа, не знам од кои причини“, рече Пендаровски.

Истовремено фрли ракавица за „реален дуел со оној што очигледно е кандидат за претседател" - Христијан Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и претседателската кандидатка на партијата, Силјановска-Давкова на предизборен митинг
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и претседателската кандидатка на партијата, Силјановска-Давкова на предизборен митингФотографија: Boris Georgievski/DW

„Од моја страна, во кое било време, на кој било терен, на која било телевизија, дење, ноќе, викенди, делници, празници, јас сум подготвен да се соочам со опонентите. Меѓутоа, сакам да предложам да имаме вистински дуел. Да има реален дуел, не фингиран дуел. Јас предлагам да излезам на дуел со Христијан Мицкоски, бидејќи очигледно тој е кандидат за претседател. Госпоѓата Сиљановска не ја гледаме каде е“, рече Пендаровски.

Не сум сам, граѓаните се со мене

Критиките околу дуелите, прашањето „кој е кој“ во изборната трка, кој кого засенил и кој кого оставил сам, почнаа од првиот дена на кампањата. Пендаровски веќе се осврна на критиките дека на стартот од неговата кампања не присуствувал лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски и го оставил сам.

„Проштевајте, не мислев да го направам ова, меѓутоа ми јавија пред малку дека главната опозициска партија на митинзите денеска критикува дека на моиве митинзи само јас зборувам и велат дека Стево е оставен потполно сам. Сега ќе ве замолам за да му кажеме на Мицкоски и на неговите пајташи дека јас сум бил секојпат и ќе бидам секојпат со мојот народ. Повелете сите на бина“, повика Пендаровски пред три дена од  изборниот митинг во Кичево, по што присутните поддржувачи му се придружија на бината.

На синоќешниот митинг во Делчево, на прашање од присутна - имаме впечаток како во ВМРО-ДПМНЕ да има внатрепартсиска трка за претседател, според вас кој е нивниот кандидат за претседател - Пендаровски рече дека го чуди што кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ  која е доктор по правни науки не му  објаснила на Мицкоски дека во секоја демократија има поделба на власта - законодавна, судска, извршна.

Гордана Силјановска-Давкова, претседателска кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ
Гордана Силјановска-Давкова, претседателска кандидатка на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Boris Georgievski/DW

„Само во диктатури еден човек решава за сè. Очигледно е дека господинот Мицкоски решил да биде во исто време и кандидат за премиер и кандидат за претседател. Затоа госпоѓата Сиљановска ја гледате во позадина, а на некои митинзи кои се организираат за нејзина промоција таа воопшто физички не е присутна. Мислам дека станува збор за тоа - желбата на Мицкоски да биде во исто време и претседател, премиер, а според последните најави спрема мене и мојата фамилија, мислам дека сака да биде и државен јавен обвинител“, рече Пендаровски.

Не му треба некој да го носи за рака

Од СДСМ пред три дена преку соопштение порачаа дека „Мицкоски ја води кампањата на Силјановска и таа е целосно маргинализирана“ и дека „на граѓаните не им треба претседател кој ќе биде продолжена рака на Белата палата, партиски послушник“. На истата тема се осврна и лидерот на СДСМ од завчерашниот митинг во скопски Аеродром.

„Ги слушам мегафоните на ВМРО-ДПМНЕ - прашуваат зошто ме немало на митинзите на Стево. Не му треба никој на Пендаровски да го фати за рака и да го носи во Кавадарци за да му каже дека не е во Неготино и за да му каже дека во Кавадарци не живеат Неготинчани“, рече Ковачевски.

Алудираше на кампањата пред 5 години, кога Сиљановска присутните на митингот во Неготино ги поздрави како „кавадарчани“. Тогаш таа се извини за ненамерната грешка настаната како резултат на преоптоварноста во кампањата, посочувајќи - „пострашно е да ја промашите тезата зад која стоите, отколку да се збуните за име на град“.

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски
Лидерот на СДСМ, Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Ковачевски од Општина Аеродром порача и дека опозицијата не разбира што значи кандидат на граѓаните.

„Добро знае Стево да одржи и говор, да објасни и визија за државата. Онаму каде јас сум носител (на листа-н.з.), таму сум со Стево. Онаму каде што други се носители, тие се таму со Стево. Јас и Стево покажавме и докажавме дека местото каде ние двајцата заедно со сите вас, граѓаните, ќе ја однесеме целата држава е во Европската Унија. Ако сакаат овие што ќе изгубат на 8 -ми мај да ни се приклучат, вратата е ширум отворена за сите. Стево не е кандидат за претседател под контрола на партија, тој не е ничија продолжена рака. Стево е кандидат на граѓаните. Тоа што ВМРО не може да го разбере е нивни проблем“, рече претседателот на СДСМ.