1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Харков: Како продолжува животот во бомбардираниот град

Хана Соколова
7 јануари 2023

Салтивка е северно предградие на милионскиот град Харков, кое е најсилно погодено од руските напади. Иако војната трае, луѓето се враќаат таму. Како си го организираат животот?

https://p.dw.com/p/4Lqmf
Салтивка во Харков, Украина
Ирина Петренко во разрушената Салтивка во Харков, УкраинаФотографија: Hanna Sokolova/DW

Тука утрото на 24. февруари 2022 експлодираа првите руски бомби. Во предградието Север-Салтивка, најголемо во склоп на Харков, пред почетокот на војната на Русија против Украина живееле преку 300 илјади луѓе. Долгите улици се наредени со светло сиви згради. 

Во Харков беа оштетени повеќе од 4 илјади згради, речиси една третина од нив како директни мети, вели заменикот шеф на Одделот за домување и комунални услуги на градот Харков, Јевхен Пасенов. Во мај - по првата украинска противофанзива и по ослободувањето на предградието - локалните власти започнаа да ги поправаат зградите, најчесто прозорците и покривите. „Сакаме да го сочуваме имотот на граѓаните за да може во иднина да се вратат тука", појаснува службеникот.

Згради како изгорени осила

Сега во Харков повторно живеат повеќе од еден милион лица - пред војната биле околу половина милион повеќе од сега. Продавниците повторно се отвораат и возила повторно се движат. Но, Салтивка е едвај населен кварт, зашто таму навистина се оштетени сите згради. Минатата пролет изрешетаните станбени блокови со уништени прозорци и црни ѕидови потсетуваа на запалени осила. 

Сега прозорците се затворени со шперплочи. „Колку луѓе има таму може да се изброи при распределбата на хуманитарна помош”, вели низ насмевка Ирина Петренко, жител на градот. Ја сретнавме во заедничкиот внатрешен двор на четири деветкатници. Во нив повторно има вода, струја и парно греење и според неа и околу 200 станари. Ирина разделува пакети со хуманитарна помош која ја собираат доброволци. 

„Тука се омажив и ја родив ќерка ми, тука таа студираше", вели Ирина за северна Салтивка и додава дека „тука е и градинката во која одеше внука ми, тука шетавме во парк и јадевме заедно пченка на клупа."

Салтивка, Харков, Украина
Прозорците во многу станови во Салтивка се затворени со шперплочиФотографија: Hanna Sokolova/DW

На звук од сирени бегство во ходник 

Ирина работела како шивачка, а сопругот во фабрика за мебел. Ќерка и`, зетот и 8-годишната внука го напуштиле Харков во првите денови од војната. Таа останала со сопругот. Кога имало аларм за бомбардирање, се повлекувале во ходникот на станот и спиеле на смени. Ноќе Ирина од прозорецот набљудувала како ракети се испукуваат од Русија. Од тука до руската граница не е многу далеку. Таа и покрај пукотниците преку ден одела да ја нахрани мачката на ќерка и`. Северна Салтивка цел месец март била изложена на голем руски оган. „Имаше силни воздушни напади. На свеќа седевме во ходникот, на две столчиња. Дури и нашата дива мачка сакаше да ни седи в скут. Мојот сопруг и јас веќе се имавме простено еден од друг и си кажавме дека се сакаме”, се потсетува Ирина. 

По ова искуство, двојката одлучила привремено да се пресели барем во друг дел од градот. Пред да го напушти станот, Ирина го изрибала патосот. „Сопругот ми велеше дека тоа е бесмислено”, се смее Ирина денес. Нивната зграда останала неоштетена. „Си заминавме додека се пукаше. Куќата во соседството гореше. Електрични кабли висеа од бандерите и камења имаше на патот, па моравме да ги заобиколуваме. По пат видовме уништени згради и еден повреден таксист, а патникот - стар човек - беше мртов", раскажува Ирина. 

Брачниот пар се сместил кај еден пријател кој се придружил на територијалната одбрана. Ирина готвела за него и за компањоните, што и` дало елан. „Но, во мај западнав во депресија. Само сакав да си се вратам дома", раскажува Ирина. 

Харков, Салтивка, Украина
Во разорениот кварт на Харков, Салтивка, полека се враќаат луѓето Фотографија: Hanna Sokolova/DW

Враќање дома

Пензионерката Раиса Лобанова која пролетоска остана сосема сама во една деветкатница и` посочила на Ирина каде има вода и хуманитарна помош. Со денови жените го чистеле влезот кој бил прекриен со искршени стакла и рамки од прозорци. Во дворот во близина на спортското игралиште сè уште има цигли покриени со пепел. Тоа место било огниште каде луѓето готвеле храна, кога во нивните домови немало струја, ниту гас. Русите речиси цело лето пукаа во Харков.

Салтивка, Харков, Украина
Пензионерката Раиса Лобанова во СалтивкаФотографија: Hanna Sokolova/DW

Ирина претходно не ги познавала ни сите соседи од својот кат, а сега ги познава дури и оние од соседните улици. Кога Ирина се вратила дома, се активирала како доброволец. Се распрашала што им е потребно на соседите, направила листи и делела хуманитарна помош.

По ослободувањето на делови од Харков и на 25 километри оддалеченото место Липез, почнаа да се враќаат луѓето и во северна Салтивка. Тогаш интензитетот на нападите значително беше намален, бидејќи Русите ги загубија тамошните позиции, објаснува Ирина. Луѓето се враќаат и во зградите кои од надвор изгледаат како да не може да се живее во нив, каде фали по цел спрат или влезовите се забарикадирани од шут.

Истовремено меѓу зградите се гледаат кранови. Според податоците од градските власти, се санираат дваесетина куќи и згради, а градежните работи треба да завршат во јануари. Се гледаат цели нови спратови од црвени цигли кои сега му прават контраст на сивиот бетон од блоковите. На некои места може да се забележат и нови прозорци. Детските и спортските игралишта кои се разорани од руски гранатизасега нема да се обновуваат бидејќи таму засега речиси и да нема деца.

Поглед во животите на другите луѓе

Ирина стои пред зградата каде живеела ќерка и` и ја здогледува кадифената играчка на нејзината внука – едно големо меко сиво куче. Одеднаш се слушаат сирени. Во влезот на зградата е како во подрум, студено и темно. Не секаде има греење, вода и струја. И во станот на ќерката на Ирина е студено и темно, тапетите се влажни и лизнати на подот. Поради масовните гранатирања, прозорците неколкупати морало да бидат одново заковани со иверица.

Салтивка, Харков, Украина, Русија, војна
Салтивка во Харков по руските бомбардирањаФотографија: Hanna Sokolova/DW

Колку куќи во северна Салтивка не може да бидат повторно обновени, ќе кажат властите по проверката на пролет. „Можеби извештајот ќе покаже дека за поправка ќе треба одредена сум на пари, па кога тоа ќе се спореди со цената за квадрат во новоградба, може да излезе поскапо или исто,“ проценува Пасенов од градските власти на Харков.

За сега уште нема план за обнова на северна Салтивка.

„Меѓународните организации веројатно нема да го финансираат тоа, бидејќи војната сè уште трае. Нелогично е да се изведуваат големи градежни работи на само 40 километри оддалеченост од Русија,“ признава Пасенов и додава дека според законот, оштетените куќи смеат да се поправаат дури откако ќе поминат најмалку 90 дена од крајот на воените дејствија.

„Она што е направено до сега е на сопствен ризик,“ вели тој. Но, на крајот сепак повеќето жители успеаја да се вратат токму во таквите обновени домови.

„Сега барем е малку повесело овде,“ вели Ирина и ѕиркајќи низ прозорците покриени со иверка во нејзината зграда се присетува: „Беше пролет кога се вратив. Владееше тишина, се слушаа славејчињата. На дрвјата висеа рамки од прозорци и завеси. Гледајќи во нив всушност ги гледаш животите на другите луѓе."