1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со 200 милијарди евра против енергетската криза

Сабине Кинкарц
30 септември 2022

Во обид да го ублажи ударот од огромните цени на енергијата, германската влада се задолжува за да им олесни на потрошувачите и економијата. Но, економистите предупредуваат на опасностите од овој потег.

https://p.dw.com/p/4HZKY
Канцеларот Олаф Шолц на прес-конференцијата беше вклучен преку видео-врска
Канцеларот Олаф Шолц на прес-конференцијата беше вклучен преку видео-врскаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Целта на кратките изјави на канцеларот Олаф Шолц (СПД), министерот за економија Роберт Хабек (Зелените) и министерот за финансии Кристијан Линднер (ФДП) вчера (29.09) во Берлин беше да се испрати политички сигнал. Цените на гасот експлодираа, сѐ повеќе луѓе, но и компании, веќе не знаат како да си ги платат сметките.

„Цените мора да се намалат. Тоа е наше многу цврсто убедување, сојузната влада ќе стори сé за таа цел“, рече канцеларот, кој моментално е во карантин поради инфекција со коронавирус и на прес-конференција се  вклучи со видео-врска. На располагање треба да се стават 200 милијарди евра кои ќе дојдат од кредити. „Може да се каже: Ова е удар со двојно поголем интензитет“, рече Шолц, осврнувајќи се на 2020 година, кога, како сојузен министер за финансии во тоа време, тој за пакетот економски стимулации во корона-пандемијата рече дека е тоа удар кој ќе даде ефекти.

Ситуацијата со снабдувањето останува критична

„Ние сме во енергетска војна за просперитет и слобода“, изјави министерот за финансии Кристијан Линднер. Ситуацијата дополнително се заостри со протекувањето на гасоводите „Северен тек“. „Затоа поставуваме заштитен чадор, за сите добро да се снајдат и да можат да ги платат цените“, рече Шолц.

Парите се наменети за избегнување на уште поголеми кризи. „Сè уште сме во критична ситуација“, оцени министерот за економија Хабек во врска со сигурноста во снабдувањето. Мора да се заштеди повеќе енергија, вклучително и од приватните домаќинства, вели тој. Таканаречената давачка за гас, која требаше да стартува на почетокот на октомври, а со која од корисниците се бара да платат за поддршка на увозниците на гас кои западнаа во неволја, повторно се укинува - во последен момент.

Хабек: Сè уште сме во критична ситуација
Хабек: Сè уште сме во критична ситуацијаФотографија: John MacDougall/AFP

Нема детали за кочницата на цената на гасот

Како точно ќе се искористат 200-те милијарди евра, останува отворено прашање. Од една страна, експертската комисија формирана пред неколку недели сè уште не претставила решение за тоа како би можело да изгледа кочницата на цената на гасот, а од друга страна, треба да се вклучат и сојузните покраини.

Канцеларот рече дека „чул паметни, конструктивни тонови и изјави од сојузните покраини“. Тој сакал да се сретне со покраинските премиери оваа недела, но поради корона-инфекцијата средбата е одложена за 4 октомври. „Сите знаат дека сакаме да направиме нешто заедно по ова прашање и дека и сојузните покраини треба да преземат голем дел од задачите.“

Буџет во сенка

Германската влада не сака да дозволи 200-те милијарди евра да поминат низ годишниот сојузен буџет, туку сака да ги инвестира како долгорочен специјален фонд кој ќе биде достапен повеќе години. За таа цел повторно ќе се наполни Фондот за економска стабилизација (ВСФ), кој за првпат беше искористен за време на банкарската криза во 2008 година и беше повторно оживеан за време на пандемијата на корона.

Таков еден фонд е нешто како буџет во сенка. За министерот за финансии Линднер тоа има предност што од 2023 година повторно ќе може да се почитува кочницата за задолжување. Мора да се добие во време за да се подготвиме за „нова нормалност по оваа криза“, додаде Линднер.

Линднер: Мора да се подготвиме за нова нормалност по оваа криза
Линднер: Мора да се подготвиме за нова нормалност по оваа кризаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Нема веќе евтина енергија

Сепак, економистите предупредуваат дека „новата нормалност“ најверојатно ќе значи и високи цени на енергијата. Штефан Котс, професор на Институтот за светска економија во Кил, на презентацијата на есенскиот извештај на водечките економски истражувачки институти во Берлин рече дека тој не е за давање финансиска поддршка на сите компании поради високата цените на енергијата. „Структурите кои веќе не се конкурентни“ не треба „да се одржуваат во живот“, вели тој и додава: „Тоа само го одложува процесот на прилагодување и го прави поскап во целина за сите вклучени“. Институтите го презентираа својот тековен извештај непосредно пред прес-конференцијата на канцеларот.

Наместо тоа, државата мора да им помогне на приватните домаќинства, но и во тој дел да дава финансиски олеснувања само за оние кои би биле преоптоварени поради ниските приходи. Тогаш компаниите би можеле да ги префрлат повисоките цени на енергијата на грбот на потрошувачите. „Тоа звучи тешко за сите засегнати. Но, акоцените на лебот не мора да се зголемат толку многу затоа што ги субвенционираме пекарите, тогаш богатите ќе продолжат да ги купуваат нивните кифли по пониска цена. Тоа значи дека би немале целна употреба на државните средства.“

Ако државата ги субвенционира пекарите, тогаш поевтин леб ќе купуваат и богатите, предупредуваат експертите
Ако државата ги субвенционира пекарите, тогаш поевтин леб ќе купуваат и богатите, предупредуваат експертитеФотографија: Oliver Pieper/DW

Освен тоа, кочницата на цената на гасот го промовира притисокот на зголемување на цените, што пак става посебен товар врз грбот на посиромашните домаќинства. На овој начин, политичарите би им направиле „мечкина услуга“ на овие луѓе, оценува Котс.

- повеќе: Ќе има ли Германија доволно гас за да ја „преживее“ зимата?

Германија на пат кон рецесија

За наредните неколку години економските експерти исцртуваат генерално мрачна слика и претпоставуваат рецесија со сериозни загуби во делот на благосостојбата на подолг период. Тие ја преполовија својата економска прогноза за 2022 година, која ја објавија пролетоска, а за 2023 година предвидуваат пад на економското постигнување од 0,4 отсто. Соодветно на тоа, нивниот извештај носи наслов: „Енергетска криза: инфлација, рецесија, губење на благосостојба“.

„Го намаливме економското постигнување за 160 милијарди евра за 2022 и 2023 година. Тоа се 2.000 евра по глава на жител - од бебиња до стари луѓе“, објаснува Котс. „Тука може да се види вистинскиот удар на економскиот пад.“

Инфлацијата го зголемува притисокот врз сиромашните

Удар кој не е само привремен. „Главниот товар во моментов е на приватните домаќинства, кои мора да прифатат огромна загуба на куповната моќ“, вели Торстен Шмит од Лајбниц-институтот за економски истражувања во Есен (РВИ). „Ова не е привремен феномен, со ова ќе се занимаваме долго време.“

Загубата на приходите не може да се надомести со „никаква финансиска политика во светот“. Важно е веќе да не се поттикнуваат поскапувањата. Набргу по претставувањето на извештајот на експертите, беше објавена актуелната стапка на инфлација. Таа сега изнесува десет проценти.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ