1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија - случај за санација, а кој да ја плати?

Сабине Кинкарц
20 април 2024

Улици, мостови, шини – застарени и нагризани од времето. Енергетскиот пресврт е невозможен без нова дистрибутивна мрежа за струјата. За германската инфраструктура се потребни многу милијарди евра, а буџетот е празен.

https://p.dw.com/p/4evx5
Разнесен втопатски мост во близина на Зиген, Германија
Прво затворен, а потоа разнесен: автопатски мост во близина на Зиген, во покраината Северна Рајна-Вестфалија кој веќе не е прооденФотографија: Bernd Thissen/dpa/picture-alliance

Концернот БАСФ е меѓу тешкашите во германската индустрија. Активен ширум светот, со  производствени капацитети на 230 места и со 112 илјади вработени. Една третина од нив работат во седиштето во Лудвигсхафен, на еден час возење од Франкфурт на Мајна. „Ова е најголема локација за хемиска индустрија во светот", вели првиот човек на БАСФ, Мартин Брудермилер.

Но, истовремено, кон средината на март на еден настан во Берлин, тој посочи дека „во 2023 година секаде во светот постигнавме добивка, само во Лудвигсхафен бележиме загуби од 1,5 милијарди евра“. За концернот се проблем пред сѐ зголемените трошоци за енергија и законските обврски за поголема заштита на климата.

Транспортот на струјата е поскап од самото производство

Производството треба да биде електрифицирано, потребата од електрична енергија со тоа ќе порасне три- до четирикратно. Но, од каде да дојде толку енергија? „Мора да ги исклучиме високо ефикасните гасни централи“, се жали Брудермилер, кој мора да најде алтернативно решение и додава: „Ако бидам присилен, ќе направам и ветерници во Северно Море."

Веќе има учество на компанијата во парк на ветерници пред холандското крајбрежје. Но, германските оператори на дистрибутивната мрежа за електрична енергија во јануари 2024 година ги дуплираа цените за услугата, па, така, сега повеќе чини струјата да се донесе до Лудвигсхафен отколку самото нејзино производство во Северно Море.

Првиот човек на БАСФ, Мартин Брудермилер
Првиот човек на БАСФ, Мартин Брудермилер: Ако бидам присилен, ќе направам и ветерници во Северно МореФотографија: BASF SE

Цената на енергетскиот пресврт

На дистрибутерите парите им се потребни за проширување на енергетската инфраструктура. Досега се планира 14 илјади километри мрежа со висок напон, предвидливо е дека ќе бидат потребни уште илјадници дополнителни километри. Планираните субвенции од сојузната влада отпаднаа, откако Уставниот суд го оцени планираниот буџет како делумно противуставен. Државата сега мора да штеди, корисниците и компаниите мора да бркнат подлабоко во џебот. Во однос на тоа шефот на БАСФ е скептичен, исто како и неговите колеги од Германски Телеком и енергетскиот гигант Е.он, со кои заеднички составија документ во кој тројцата топ менаџери бараат трошоците за трансформација поради енергетскиот пресврт да бидат финансирани на друг начин, затоа што трошоците за користење на мрежата и натаму ќе растат.

Инфраструктурата како прашање од витално значење

Не е проблем само енергетската инфраструктура. И останата инфраструктура во Германија е „во многу погледи недоволна“ и претставува „кочница за растот". Меѓународната конкурентност на Германија со децении се потпираше на одлична и сигурна инфраструктура, особено во енергетиката, транспортот и телекомуникациите. Сега постои опасност, овој, едновремено фактор на конкурентска предност, да се сврти во обратна насока. „Инфраструктурата е прашање на преживување", вели Брудермилер и посочува на лошата состојба на улиците, мостовите и пловните патишта, заостанувањето во проширувањето на брзиот интернет и недоволна дигитализација на администрацијата. „Ако тоа не се реши, компаниите веќе нема да доаѓаат во Германија", сумира Брудермилер.

Струјовод НордЛинк помеѓу Норвешка и Германија
Илјадници километри енергетски кабли се поставени под земја - тоа е поскапо од надземните водови, но мора да се прави поради премногу протести против видливите далноводиФотографија: Carsten Rehder/dpa/picture alliance

Улици, мостови, шини – сѐ е застарено

Критика, која наидува на „отворени уши“ во сојузната влада. Министерот за дигитализација и транспорт, Фолкер Висинг, смета дека има огромна потреба од санација. На прво место за него е сообраќајот, пред сѐ железницата и автопатиштата. 4500 мостови над автопати се толку пропаднати, што решение за дел од нив е само кревање во воздух и изградба од почеток. Кај железницата, на 40 делници со вкупна должина од 4 илјади километри шините се толку изабени, што е потребно одново да се постават. Владата до 2027 година субвенционира со 27 милијарди евра, но веќе сега е извесно дека тоа нема да биде доволно.

Германската инфраструктура во распаѓање

Кавга околу кочницата за задолжување

Сојузот, покраините и општините немаат ни приближно доволно средства за да бидат носители на санацијата и модернизацијата. Кочницата за задолжување која ја пропишува Уставот, предвидува дека државата може да троши само онолку колку што има. Таквиот пропис предизвика сериозна кавга во тековните преговори во коалицијата за буџетот за 2025 година. СПД и Зелените најрадо повторно на определен период би ја исклучиле кочницата, како што беше случајот во ситуацијата на нужда за време на короната и заради војната во Украина. Либералите се против и инсистираат на тоа од 2025 година сите министерства да штедат. И без поголеми трошоци за инфраструктурата во буџетот има дупка од 25 до 30 милијради евра.

Сојузниот министер за транспорт Фолкер Висинг (ФДП, во средина) при предавањето на нови брз воз на железницата
Сојузниот министер за транспорт Фолкер Висинг (ФДП, во средина) при предавањето на нови брз воз на железницата - кога шините се дотраени, дури и брзите возови ретко стигнуваат навремеФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/(picture alliance

Да се најдат приватни инвестиртори

Министерот Висинг од Либералите стои цврсто зад кочницата за задолжување и вели дека ако во буџетот не може да се најдат средства за потребните инвестиции, тогаш мора да се најде друг начин за нивна реализација. Германското општество е богато, наведува тој и додава дека „мора да мобилизираат приватен капитал“. За таа цел сака да формира фонд за инфраструктура кој треба да тежи милијарди и во кој финансиските средства ќе може да се собираат за повеќе години и тие ќе може да бидат здружувани. Висинг ги планира парите првенствено за сообраќајната инфраструктура, а министерот за финансии Линднер, исто така од Либералите, оди подалеку. Во интервју за АРД посочува дека осигурителните друштва располагаат со огромни суми од нивните клиенти и дека вредат сите напори за „мобилизација на тие средства за, на пример, проширување на дистрибутивната мрежа за електрична енергија и водород."

Но, како би функционирал еден таков фонд? Приватни инвеститори би ставиле свои средства долгорочно на располагање, само ако може да сметаат на добивка. Дали тогаш на автопат сите ќе плаќаат патарини, или ќе мора да се плати за да се помине преку некој мост? Од министерството за транспорт на вакви технички прашања засега нема одговори.

Германија: Инфраструктура во распаѓање

Инфраструктура финансирана од задолжување? 

СПД и Зелените многу повеќе би сакале кочницата за задолжувања да се реформира на начин што инвестиции во инфраструктурата ќе може да се финансираат и преку кредити. Поддршка за тоа имаат од цела низа економисти. Дури и во самата економија, каде што инаку се залагаат за строга буџетска дисциплина, растат симпатиите за малку пофлексибилна интерпретација на кочницата за задолжување. Михаел Хитнер, шеф на Институтот за германска економија кој е близок до работодавците, предлага покрај државниот буџет да се основа специјален фонд од 500 милијарди евра за инфраструктура и трансформација. Како пример за тоа го наведува специјалниот фонд за Бундесверот, за кој државата зема кредити во висина од 100 милијради евра и кој со двотретинско мнозинство беше интегриран во Уставот. Со оглед на тоа дека се најде во Уставот, ужива ист статус како и кочницата за задолжување.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ