1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПалестински територии

Германија и натаму не ја признава палестинската држава

БЈ | АРД
23 мај 2024

Германската влада нема да го следи примерот на Норвешка, Шпанија и Ирска. „Симболичното признавање“ на палестинската држава не ја решава „оваа ужасна ситуација“, вели министерската за надворешни работи Бербок.

https://p.dw.com/p/4gAkm
Седиштето на германскиот канцелар во Берлин (Bundeskanzleramt)
Седиштето на германскиот канцелар во Берлин (Bundeskanzleramt)Фотографија: Florian Gaertner/photothek/picture alliance

За разлика од Норвешка, Шпанија и Ирска, германската влада и натаму нема намера да ја признае палестинската држава. „Да може да најдеме решение за оваа ужасна ситуација која ја доживуваме сега, не ни не потребно симболично признавање. Потребно ни е политичко решение", рече германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок по консултациите со колегите од Франција и Полска. Германија, како и на надворешната политика на ЕУ, и натаму им е цел независна палестинска држава, вели таа. Без директно да ги спомене трите држави кои ја признаа палестинската држава, таа оцени дека „ако само признавањето сега, во овој момент, донесе мир, тофаш верувам дека ниту едно човечки суштество и ниту еден политичар на светов не би се воздржувал."

Вајмарскиот триаголник: министрите за надворешни работи на Франција (Штефан Сезурне), Полска (Радослав Сикорски) и Германија (Аналена Бербок). 22 мај 2024 година
Вајмарскиот триаголник: министрите за надворешни работи на Франција (Штефан Сезурне), Полска (Радослав Сикорски) и на Германија (Аналена Бербок). 22 мај 2024 годинаФотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Шефицата на германската дипломатија се заложи за директни преговори на двете страни за да се најде решение за блискоисточниот конфликт и т.н. решение за две држави. Од една страна, велат, заложниците кои ги држи терористичката организација Хамас мора да бидат ослободени, а од друга страна смртта и страдањето во Газа да престанат. На цивилите во Газа им е потребно повеќе хуманитарна помош, нагласи таа. „Без таква акутна, кризна дипломатија, независната палестинска држава нема да стане реалност", оцени Бербок.

 „Нема пречки"

 Портпаролот на владата во Берлин, Штефен Хебештрајт, порано има изјавено дека Германија останува приврзана на целта која подразбира решение со две држави, до кое се доаѓа со преговори меѓу Израел и Палестинците, „а на чиј крај е прифаќање дека постои посебна палестинска држава". Но, од такво решение за две држави актуелно сме далеку, вели тој. Истовремено, решението за две држави кое е прифатено од сите страни и според кое Израел и Палестинците живеат мирно едно до друго, претставува „единствено решение за овој спор, колку и да биде потребно време да се дојде до него“ вели Хебештрајт и укажува на тоа дека „ќе бара многу дипломатска вештина и веројатно многу време."

Во контекст на признавањето на Палестина од некои европски држави, тој нагласува дека „не постојат пречки“. Никој не би требало да се надева дека тој тежок спор одеднаш ќе испари „со една дипломатска мерка, една дипломатска одлука“, заклучува портпаролот на германската влада.

Палестина веќе ја признаваат 143 од 193 држави

Владите на Норвешка, Ирска и Шпанија најавија дека ќе ја признаат палестинската држава. Тоа го соопштија норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, ирскиот Сајмон Харис и шпанскиот Педро Санчез. Планирано е тоа да биде официјализирано на 28 мај.

Генерално собрание на ОН, 10 мај, 2024 година
Генерално собрание на ОН, 10 мај, 2024 годинаФотографија: Manuel Elias/UN Photo/dpa/picture alliance

Веќе на 10 мај 143 од 193 држави во Генералното собрание на ООН го одобрија палестинското барање за полноправно членство во ОН. Меѓу нив, покрај Шпанија, Ирска и Норвешка, се и некои членки на ЕУ, како и Србија, Црна Гора и БиХ. Тоа значи дека мнозинството, речиси 75 проценти, веќе ја признаваат Палестина како посебна држава. Мнозинството западни влади како Германија и САД, признавањето на независна палестинска држава која мирно коегзистира со Израел, го поврзуваат со решавањето на фундаменталните прашања, вклучително и конечните граници на таквата држава, како и статусот на Ерусалим. Тоа би морало, според нив, да се постигне со директни разговори на двете страни.

Франција: прерано признавање

 Франција исто така предупредува дека признавањето сега би било прерането. Сепак, министерството за надворешни работи во Париз соопштува и дека признавањето на Палестина за Франција „не е табу".

Тој чекор мора да биде „корисен“ и како „дипломатски инструмент во служба на две држави“ и да овозможи политички напредок, се вели понатаму.

Велика Британија: признавање како поттик?

Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Камерун, неодамна сугерираше дека Лондон исто така може да ја разгледа можноста за рано признавање на Палестина како би ги поттикнал Палестинците кои поддржуваат мирно решение. Тој смета дека признавањето би било важен поттик на палестинската страна да направи отстапки во мировните преговори.

САД: Палестинска држава само низ преговори

Портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа рече дека американскиот претседател Бајден останува голем поддржувач на решението за две држави. „Тој смета дека до палестинска држава треба да се дојде преку директни преговори, а не со еднострано признавање", додава портпаролот.

Шефот на дипломатијата на Јордан, Ајман Сафади
Шефот на дипломатијата на Јордан, Ајман СафадиФотографија: THOMAS KIENZLE/AFP/Getty Images

Одобрување од Јордан и Саудиска Арабија

Ријад го поздрави признавањето од Норвешка, Шпанија и Ирска како „позитивен“ потег и ги повика и другите европски држави „да донесат иста одлука“. Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади тоа го опиша како „важен чекор до решение за две држави“. Јордан се смета за клучна земја во настојувањата да се поддржи палестинската страна. Земјата официјално управува со светите исламски места на ридот во Ерусалим.