1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и ЕУ: Компромис за „обичните мотори“

ЖА / агенции
25 март 2023

Брисел и Берлин постигнаа компромис околу моторите со внатрешно согорување и по 2035 година. Возилата, но само оние на синтетичко гориво, ќе бидат посебна категорија.

https://p.dw.com/p/4PEuI
Symbolbild | Verschiebung EU-Abstimmung über Verbrenner-Aus
Мотор со внатрешно согорувањеФотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

„Постигнат е договор со Германија околу идното користење на синтетички горива во автомобилите“, објави денеска (25.03.) на социјалните мрежи потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс. Речиси истовремено, германскиот сојузен министер за сообраќај, Фолкер Висинг од ФДП порача: „Патот е слободен: Европа останува технолошки неутрална".

Компромисот околу тоа, во Европската унија и по 2035 година да бидат дозволени автомобили со мотори со внатрешно согорување, е всушност многу едноставен: такви возила ќе бидат пуштани во промет и по овој рок, но единствено ако трошат исклучиво синтетичко гориво. Има и одредени рокови: прво ќе се формира одредена група возила на синтетички горива, а потоа таа ќе биде внесена во каталогот на пропишани возила – според планот, тоа треба да биде направено веќе до есента 2024 година.

Спорните синтетички произведени горива
Спорните синтетички произведени гориваФотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

Без германска согласност, не беше можно спроведување на планираното збогување со моторите со внатрешно согорување од 2035 година во ЕУ.

Министерот Висинг во текот на преговорите меѓу Европската комисија, Европскиот парламент и членките на ЕУ, успеа да протне пасус, со кој ЕК беше замолена да понуди предлог за измена, со која ќе се дозволи моторите со внатрешно согорување да се продаваат и по тој датум, доколку користат климатски неутрални, синтетички добиени горива. Пасусот не беше правно обврзувачки и Европската комисија имаше намера да го објави дури по формалниот заклучок на членките. Но, Висинг ненадејно почна да инсистира на претходен договор, и во играта на нерви, затвореното прашање се претвори во отворено. 

Германската блокада на намерата на Европската унија, од 2035 година да допушти исклучиво климатски неутрални, односно електрични возила, разгневи многумина во Европа, посебно што дополнително се предомисли и Италија, па исто така се заложи да бидат дозволени и возила на биолошко гориво.

И самиот Брисел всушност уште размислува за деталите на планот за заштита на климата, Фит фор 55, но барем на сегашното технолошко ниво, тоа инсистирање на автомобили на синтетички горива не изгледа премногу рационално.

Синтетичките горива досега ретко се произведуваат и се сметаат не само за скапи, туку и за неефикасни, поради што намерата на Европската комисија е да останат резервирани првенствено за бродскиот и авионскиот сообраќај, каде не може директно да се користи струја. Студија на Постдамскиот институт за климатски истражувања смета дека очекуваниот обем на производство на овие горива до 2035 година не е доволен за покривање на потребите ни во овие области, па за автомобилите ионака не би преостанало ништо, дури и при максимално искористување на очекуваните капацитети.

Со други зборови, дури и ако биде формирана таква категорија возила, сѐуште е нејасно дали воопшто и ќе има такви автомобили.