1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора: Крипто-афера ги крои резултатите од изборите?

Радомир Крачковиќ
10 јуни 2023

Граѓаните на Црна Гора на 11 јуни излегуваат на парламентарни избори. Последната недела од кампањата мина во жестока кавга околу аферата во чиј центар е корејскиот „крал на криптовалутите“.

https://p.dw.com/p/4SPys
Во Црна Гора се одржуваат вонредни парламентарни избори
Во Црна Гора се одржуваат вонредни парламентарни избориФотографија: Montenegrin Parliament

Во недела (11.06.2023) во Црна Гора ќе се одржат вонредни парламентарни избори, по што земјата ќе добие нова влада, 10 месеци по соборувањето на владата на премиерот Дритан Абазовиќ. Во парламентот се очекува нова „поделба на картите“, во која, според анкетите, најмногу мандати треба да добие Движењето „Европа сега“ (ПЕС) на Милојко Спајиќ, чиј кандидат Јаков Милатовиќ неодамна победи на претседателските избори. Второто место би можело да го заземе коалицијата околу Демократската партија на социјалистите (ДПС), предводена од Даниел Живковиќ, а значителен број гласови се предвидуваат и за коалицијата на Демократите и УРА на Абазовиќ, како и за просрпската коалиција „За иднината на Црна Гора“, предводена од Милан Кнежевиќ.

Традиционално, во парламентот треба да влезат и малцинските бошњачки и албански партии, како и Хрватската граѓанска иницијатива (ХГИ), додека останатите 7 листи веројатно ќе се борат за надминување на цензусот. Многу е извесно дека никој нема да освои апсолутно мнозинство, па за нова влада ќе биде веројатно потребна повеќечлена коалиција.

Лидерите на коалицијата Демократи-УРА, Алекса Бечиќ и Дритан Абазовиќ
Лидерите на коалицијата Демократи-УРА, Алекса Бечиќ и Дритан АбазовиќФотографија: Democrats-URA

Афера во последната недела од кампањата

Во пресрет на изборите, многу аналитичари предвидуваа дека идната влада ќе биде составена од „Европа сега“, коалицијата на Демократите и УРА, малцинските и евентуално некои други помали партии, доколку го поминат цензусот.

Меѓутоа, во последната недела од кампањата се отвори голема афера, во која Абазовиќ го обвини Спајиќ за сомнителни врски со јужнокорејскиот „крал на криптовалутите“ До Квон, кој беше обвинет за меѓународна измама од 40 милијарди долари. Тој беше уапсен во Црна Гора на крајот на март и е во притвор, а го бараат Јужна Кореја и САД. Квон наводно му испратил на Абазовиќ писмо од притвор, во кое ги опишува своите наводни врски со Спајиќ, а тврди и дека му финансирал поранешни предизборни кампањи. Абазовиќ итно свика седница на Советот за национална безбедност и го повика Обвинителството да реагира, додека Спајиќ ги негира обвинувањата. Сето тоа доведе до размена на тешки обвинувања меѓу „Европа сега“ и УРА.

Црна Гора избори Милојко Спајиќ Движење „Европа сега“
Милојко Спајиќ ги негира обвинувањатаФотографија: Europe Now

Политичката аналитичарка Ана Ненезиќ смета дека аферата секако бара истрага.

„Но, таа истрага треба да ја спроведат надлежните органи, без придружна драматизација од страна на носителите на највисоките државни функции и без ставање во функција на пресметка со политичките конкуренти“, вели Ненезиќ за ДВ.

Слично размислува и политичката аналитичарка Милена Бешиќ, која смета дека свикувањето на седницата на Советот за национална безбедност од страна на Абазовиќ е флагрантен пример за злоупотреба на службената положба и дека ќе има реперкусии врз односите меѓу ПЕС и УРА, кои се сметаат за партнери во идната влада.

„Што се однесува до влијанието на обвинувањата врз изборниот резултат - тоа нема да има влијание врз оние кои веќе се определени и тоа го видовме дека во случајот на претседателските избори, кога Спајиќ беше дисквалификуван од трката, но полза имаше другиот кандидат на ПЕС, новиот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.Но, не е исклучено дел од неопределениот електорат да се поколеба“, вели Бешиќ за ДВ.

Јужна Кореја До Квон крипто-валути
Jужнокорејскиот „крал на криптовалутите“ До Квон беше обвинет за меѓународна измама од 40 милијарди долариФотографија: Bloomberg via Getty Images

Ненезиќ, пак, смета дека без јасни докази и став на Обвинителството, гласачите ова ќе го толкуваат како маневар за да му се наштети на рејтингот на ПЕС, додека УРА и Демократите ќе претрпат штета, поради тајмингот и начин на комуникација на вака сериозно прашање, надвор од системот на надлежни институции.

По тешките обвинувања меѓу УРА и ПЕС, се наметнува прашањето - дали сега е можно нивно постизборно коалицирање во идната влада? Некои функционери на ПЕС најавија дека поради тоа нема да има соработка со Абазовиќ, бидејќи тој им мести афера за да го уапси Спајиќ.

„Дури и да успеат да се договорат за да формираат мнозинство, можеме да очекуваме меѓусебни несогласувања. Поради тоа повторно ќе настрадаат реформските процеси, кои многу заостануваат, а на крајот на приказната, како и секогаш, ќе страдаат и граѓаните“, вели Бешиќ.

Ненезиќ смета дека решавањето на овој случај ќе биде клучен фактор за преговорите околу составот на идната влада.

„Јасно е дека ПЕС ќе биде посилна по изборите и ќе може да поставува услови. Верувам дека другите партии ќе бидат отворени да ги исполнат и да учествуваат во идната влада, секоја од различни причини. Ако обвиненијата против Спајиќ се покажат како лажни, верувам дека Демократите би биле подготвени да соработуваат со ПЕС, дури и без УРA, како коалициски партнер“, смета Ненезиќ.

Плакат во Подгорица пред изборите во Црна Гора
Плакат во Подгорица пред изборите во Црна ГораФотографија: Radomir Krackovic/DW

Идната влада (не)стабилна?

Инаку, предизборната кампања протече во знакот на популистичките ветувања од водечките партии кои најавија зголемување на платите, пензиите и социјалните давачки, но не објаснија од каде пари за сето тоа. Идентитетските прашања останаа главно во втор план, со исклучок на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, која повторно порачуваше дека не го дава Косово.

Ненезиќ вели дека промената на фокусот на кампањата претставува значителна промена во политичката култура во земјата.

„Сепак, треба да се биде многу внимателен, бидејќи ваков фокус може да им даде можност и на популистичките партии кои користат големи и неостварливи економски ветувања за привлекување гласачи, користејќи ги фрустрациите на граѓаните поврзани со економските нееднаквости и невработеноста, нудејќи брзи и едноставни решенија кои често се нереални“, објаснува Ненезиќ.

Бешиќ додава дека ПЕС го префрли фокусот на кампањата од идентитетските прашања на прашањата за животниот стандард бидејќи тоа им донесе успех на локалните избори во октомври минатата година, а исто така и на претседателските избори во април оваа година.

„Добро е што го сменивме фокусот, но политичарите ќе имаат проблем со довербата доколку не се исполнат ветувањата“, предупредува Бешиќ.

Свое место во Владата од страна мерка и коалицијата „За иднината на Црна Гора“, иако Западот отворено се противи на тоа. Од друга страна, во ДПС, која со државата владееше 30 години, велат дека без нив нема стабилна влада, но многу пореално е дека ќе останат во опозиција.

„Составот на Владата зависи од конечниот изборен резултат, но ниту ДПС ниту коалицијата 'За иднината на Црна Гора' не го променија наративот и заложбите кои се клучни за нивниот коалициски капацитет“, вели Бешиќ.

Црна Гора Подгорица
Граѓаните на Црна Гора заслужуваат политичка стабилност, вели Ненезиќ (фото: Подгорица)Фотографија: Radomir Krackovic/DW

Ненезиќ не гледа просрпска коалиција во новата влада поради кампањата во која, како што вели, го радикализирале своето политичко изразување, инсистирајќи на прашања како на пример државно-правниот статус на Косово, соработка со Србија, презирање на црногорските институции...

„Верувам дека само им олеснија на другите политички субјекти да направат отстапница од таа коалиција. Што се однесува до соработката со други субјекти, верувам дека сите опции сега се на маса, а одлуката ќе зависи од 'Европа сега' - во која насока сакаат да одат“, прогнозира Ненезиќ.

По падот на две влади за само половина година, Ненезиќ заклучува дека граѓаните на Црна Гора заслужуваат политичка стабилност, но дека веројатно нема да ја добијат: „Се плашам дека и по овие избори нема да биде можна стабилност, што може да резултира со нови избори за краток период од година до година и половина.“

И Бешиќ има сличен став и заклучува: „Политичката стабилност е исходот на кој сите се надеваме и поради што беа толку неопходни предвремени парламентарни избори. Но, имајќи ги предвид актуелните меѓуполитички констелации, не можам да бидам оптимист во тој поглед“.