1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија бара виновници за „црните листи“

ДТЗ
19 мај 2023

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев вели дека на овие листи се појавиле и европратеници. Смета дека на листите има 99 отсто Бугари. Обвинува дека иницијатор на листите е претседателот Стево Пендаровски.

https://p.dw.com/p/4RZFn
Бугарија
Бугарија бара виновници за „црните листи“ и дели нови државјанстваФотографија: dapd

Продолжуваат бранувањата и обвинувањата на Бугарија за „црни листи“ на бугарски граѓани на кои им се спречува влез во Северна Македонија. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во изјава за БТВ вели дека македонскиот претседател Стево Пендаровски во јануари или февруари имал средба со службите, на која станало јасно дека тој е иницијатор на „црните списоци“. Ковачев во емисијата „Ова утро“ рече дека на овие листи се појавиле и европратеници. Смета дека на листите има 99 отсто Бугари.

„Може да воведат декларации на границата и ако потпишете дека Гоце Делчев се дефинирал како Бугарин, нема да можете да влезете во земјата“, вели Ковачев. 

Според него, прашањето со соседната земја е многу долго, а неговиот почеток датира од 90-тите години, откако Бугарија го поддржала создавањето на Северна Македонија по распадот на Југославија. 

„Бевме толку возбудени што не сметавме дека е потребно да ги разјасниме нашите проблеми надвор од територијата на Бугарија. Мислевме дека на братски начин ќе успееме да го надминеме повеќедецениското преклопување, омразата и фалсификатите и на тој начин самите да ги надминеме проблемите“, вели тој.   

Која е вистината? 

Ковачев реагира и на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, кој за време на четвртиот самит на Советот на Европа во Рејкјавик (17.05) изјави дека  „дискурсот што Бугарија го користи кон Северна Македонија за жал е многу сличен на дискурсот што го користи Руската Федерација кон Украина“.  

„Бугарија не се однесува со Северна Македонија како што се однесува Русија со Украина, вистината е спротивна. Човековите права се клучни за ЕУ. Во Скопје ако тврдиш дека си Бугарин е проблем. Оваа земја е кандидат за Европската Унија. Го повикувам Националното собрание итно да ги усвои измените на законот за бугарско државјанство“, вели Ковачев, на кој на 6 мај не му беше дозволен влез во Северна Македонија, заедно со уште четворица Бугари.  

Андреј Ковачев бугарски европратеник
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за БТВ изјави дека иницијатор на листите е Стево ПендаровскиФотографија: EP/S. Pirlet

Од МНР тогаш објаснија дека за дел од групата македонската полиција имала сознанија дека претставуваат ризик по јавниот ред и безбедност. Ковачев не е еден од нив, но службите не дозволиле негов влез поради групата со која патувал.  

„Неприфатлива споредба“ 

На изјавата на Ковачевски реагираше и бугарското МНР, кое оцени дека „секоја споредба со страдањето на украинскиот народ во сегашната неоправдана војна на Русија е цинична и неприфатлива“.

Случајот со Ковачев, но и острата реторика која што ја разменија деновиве политичарите од двете земји доведе до дополнително заладување на односите меѓу Скопје и Софија, во пресрет на уставните измени коишто треба да бидат имплементирани во Северна Македонија, како услов за напредок на патот кон ЕУ. Со овие измени, Бугарите треба да станат дел од Преамбулата на македонскиот Устав. 

Бугарското МНР во четвртокот (18.05) упати повик до властите во Скопје да покажат политичка храброст и да ги исполнат обврските што ги презеле пред сите земји-членки на ЕУ за да се заврши фазата на отворање на пристапните преговори.

Бугарскиот државен врв којшто деновиве го критикуваше односот на Северна Македонија кон граѓаните коишто се декларираат како Бугари, ќе им даде бугарско државјанство на првите луѓе на бугарскиот клуб во Битола. На претседателот и секретарот на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, кој беше затворен, Љупчо Георгиевски и Благој Шаторов бугарските пасоши ќе им ги врачи бугарскиот претседателот Румен Радев, врз основа на нивното бугарско потекло. Претходно бугарски документи доби и секретарот на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков.