1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети ќе ги открие плановите од „црвените подруми“

20 мај 2024

Лидерот на ДУИ обвинува за заткулисни планови на двете најголеми македонски партии и стравува дека тие ќе имаат влијание и на меѓуетничките односи.

https://p.dw.com/p/4g3so
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изрази стравување дека неправдата што му е нанесена на Европскиот фронт со одлуките на ДИК за прегласување, ќе има влијание и на меѓуетничките односи.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изрази стравување дека неправдата што му е нанесена на Европскиот фронт со одлуките на ДИК за прегласување, ќе има влијание и на меѓуетничките односи.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Таен договор Европскиот фронт да не биде втора сила во земјата направен во „црвените подруми“, кој може да влијае врз меѓутеничките односи. Со вакви обвинување минатиот викенд лидерот на ДУИ, Али Ахмети ги окарактеризира одлуките за прегласување на изборите на седум избирачки места, што ќе се спроведе на 22-ри мај.

Со тоа прегласување Европскиот фронт предводен од ДУИ може да остане без два пратенички мандати ако Коалицијата Вреди во Желино и СДСМ во Изборната единица 5 постигнат поголема победа. Како што е познато, Државната изборна комисија утврди дека ќе има прегласување на седум избирачки места во петтата и шестата изборна единица, откако Управниот суд минатиот петок ги отфрли како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ поднесени против решенијата на ДИК.

Од коалицијата Вреди ја поздравија одлуката, оценувајќи дека е во согласност со волјата на граѓаните, а од „Европскиот фронт“ и претходно, и потоа обвинија за изборен инженеринг кој има за цел да го промени односот на бројките во Собранието преку политички договор на други партии.

ДИК донесе одлуки за прегласување на изборите на седум избирачки места
ДИК донесе одлуки за прегласување на изборите на седум избирачки местаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тоа беше повод ДУИ завчера да свика ургентен состанок на претседателството. Портпаролот на партијата, Арбр Адеми, по состанокот изјави дека за натамошните чекори партискиот претседател Али Ахмети ќе има координативни средби со сите политички партии кои го сочинуваат Европскиот фронт.

Опасни политички акробации

Ахмети изрази стравување дека неправдата што му е нанесена на Европскиот фронт со одлуките за прегласување, ќе има влијание и на меѓуетничките односи. Но и дека целта е Европскиот фронт да не биде втора сила во земјата.

„Овој момент доаѓа по анализа на одлуките на ВМРО и СДСМ за повторување на изборите на овие изборни места, со цел да се спојат за Европскиот фронт да не биде втора сила во земјата. Ова е направено од двете најголеми партии од македонска националност, кои политики, за жал, се плашиме дека ќе имаат влијание и на меѓуетничките односи, кои ние не ги посакуваме“, изјави Ахмети.

Тој најави дека наскоро ќе ги разоткрие сите планови што се правеле во „црвените подруми".

„Сите политички акробации, тајни договори во црвените подруми што се прават, се неприфатливи и за осуда. Бидејќи истите значат чекор назад и тоа не треба да се толерира, туку сите страни треба да влијаат. Ги знаеме сите детали за зделките во црвените подруми, политичките зделки. Во иднина ќе излеземе со детали за сите договори и ќе и ги претставиме на јавноста“, рече Ахмети.

Претставници на Коалицијата Вреди изјавите на Ахмети ги коментираа како недостиг на моќ Европскиот фронт да се соочи со реалноста. Во коалициското соопштение Вреди го повика Европскиот фронт да дејствува како конструктивна опозиција.

Европскиот фронт да се соочи со реалноста, порачуваат од коалицијата Вреди
Европскиот фронт да се соочи со реалноста, порачуваат од коалицијата ВредиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„На сите им е јасно дека откако Али Ахмети сфати дека ја изгубил власта, изгубил и контрола, но го повикуваме доколку сака европска перспектива на земјата, да остане смирен и да ги води партнерите од Фронтот да бидат конструктивна опозиција, да ги поддржат прашањата кои се во интерес на Албанците, како што тоа досега го правеа партиите на Вреди како опозиција и да дозволат правдата да дејствува. Кога правдата постапува според законот, тогаш евроинтегративниот пат на државата е загарантиран“, соопштија од Вреди.

Има ли канализација во Зајас?

Весникот „Лајм" пренесува став на портпаролот на АА, Арбен Зекири, според кого, жедта за власт на албанската опозиција се користела како никогаш досега за да се дефакторизираат Албанците и политичката моќ на Албанците.

„Партискиот инженеринг во ДИК и одлуките за прегласување имаат повеќе цели, но само една конечна - слабеење на моќта на Албанците. Повторното гласање со цел да се добијат двајцата пратеници на Европскиот фронт на прво место се чини дека има тенденција да ја намали разликата помеѓу Вреди и Европскиот фронт. Но тенденцијата на македонските партии ВМРО и СДСМ, со помош на Вреди, е уште поголема од тоа. Кога би се формирала владина коалиција меѓу ВМРО и Вреди, тогаш Европскиот фронт би бил втората политичка сила во државата, всушност првата опозициска сила во државата. Со оваа позиција Фронтот предводен од Албанците би имал голем број клучни позиции во државата“, пишува Зекири.

Прегласувањето на седумте избирачки места ќе се спроведе на 22-ри мај
Прегласувањето на седумте избирачки места ќе се спроведе на 22-ри мајФотографија: Petr Stojanovski/DW

Притоа потсетува во кои институции се избираат првите луѓе токму предлог на најголемата опозициска партија - почнувајќи од ДИК па до регулаторни тела.

„За да се спречи сето ова, ВМРО, СДСМ и со помош на сервилноста на Вреди го оркестрираат целиот процес во ДИК за намалување на гласовите и пратениците на Европскиот фронт а зголемување на СДСМ“, пишува Арбен Зекири.

Од друга страна, Аднан Азизи од Движењето Беса, која е дел од Коалицијата Вреди, потсетува каква била грижата на ДУИ за Албанците. Според него, и по 22 години власт на ДУИ, сѐ уште нема канализација во родното село на Ахмети, Зајас, но затоа пак тој има многу лични кули. Според Азизи, нема потреба да зборуваат за големи политики оние што го оставиле народот во беда, а кражбите ги прикриваат со „Европа“.

Nordmazedonien Ali Ahmeti, Vorsitzender der DUI-Partei
Фотографија: Petr Stojanovski/DW